ЕУ повика на сојуз со арапските земји во борбата со тероризмот

Европската унија повика денеска за сојуз со арапските земји во борбата против тероризмот по смртоносните напади во Франција и апсењата на џихадисти во цела Европа, пренесе МИА.

– Неопходен е таков сојуз, треба да воспоставиме потесна соработка, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, која се сретна со генералниот секретар на Арапската лига, Набил ал Араби.

Могерини учествува на денешната средба на министрите за надворешни работи на земјите од Унијата, кои го подготвуваат дневниот ред на Европскиот совет следниот месец, во чиј фокус ќе биде борбата против тероризмот.

Некои од министрите нагласија дека е подобро да се соработува со муслиманските земји, отколку тие да се обвинуваат за проблемот.

– Тие и натаму ќе бидат во првите редови и ние треба да имаме тесна соработка со нив, за да ги заштитиме нив, но и земјите од ЕУ, изјави британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд.

Белгискиот министер за надворешни работи Дедие Рејндерс изјави дека полициските операции во Белгија од минатата недела за разбивање на осомничена мрежа на странски борци, покажуваат дека размената на иформациите е од клучно значење.

Белгија распореди кон крајот на минатата недела припадници на армијата, за да ги обезбедуваат јавните објекти и денеска додека министрите за надворешни работи заседаваат војниците ја обезбедуваа зградата на Европскиот совет.

Повеќето министри нагласија дека веројатно нема да има брзо решение за проблемот со странските борци и оти вистинскиот одговор е да се помогне во прекинот на конфликтите во Сирија и Ирак.