ЕУ: Работиме за решавање на ситуацијата во Македонија

Европската унија секојдневно работи и остварува контакти и преку својата Делегација во Скопје, како и преку седиштето на Европската комисија во Брисел со македонските политички партии со цел решавање на заовриената состојба во Република Македонија по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува сите лица засегнати од скандалот со прислушувањето.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова на денешната прес-конференција во Еврокомисијата го потврди портпаролката Маја Коцијанчич, која сепак не потврди дали е можен нов лидерски состанок во Брисел или Скопје каде повторно би псоредувал и еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
– Ние сме многу добро запознати и сериозно загрижени со одлуката на претседателот Иванов да помилува голем број политичари и официјални лица кои беа предмет на криминалистички истраги. Оваа одлука ризикува да произведе клима на неказнивост, го поткопува владеењето на правото и годините вложени напори во земјата и од меѓународната заедница и може да ја влоши постоечката политичка криза, посочи портпаролката Коцијанчиќ.
Според гласноговорничката на ЕК, одлуката на претседателот на Република Македонија „ја поткопува и важната работа на Специјалниот обвинител и нејзиниот тим што се воспоставени од Парламентот како дел од договорот од Пржино за да ги истражи сериозните прашањата покренати минатата година“.
– Работата на Специјалниот обвинител мора да продолжи и како што рековме минатите денови, оваа одлука ја загрозува и евро-атлантската иднина на земјата. Како и да е, Европската комисија, како што видовте од двете реакции на високата претставничка и потпретседател на ЕК (н.з. Федерика Могерини) и на комесарот Хан, ги повикува сите политички партии и сите вклучени да обезбедат процесот да се движи напред. Велите дека договорот од Пржино е мртов, но ние веруваме дека се уште има време за враќање на преговарачка маса. Ние веруваме дека токму ова е одговорност на политичките партии и да се продожуви со напорити за да се изведе земјата надвор од сегашната политичка криза, децидна е портпаролката на Еврокомисијата.
            
Што се однесува до протестите и насилството, Коцијанчич потсети на постојаната позиција на ЕУ дека „секакво насилство е неприфатливо“.
            
Но, и покрај ваквиот став на неформалната Влада на Европската унија, одлуката на Ѓорге Иванов за аболиција веќе стапи на сила во Македонија. Сепак, портпаролката на Еворпската унија беше запрашана како во 2001 година, Еврокомисијата ја поздрави тогашната аболицијата што тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски ја донесе за терористите што убија повеќе од 80 припадници на македонските безбедносни сили во војната во Македонија во 2001 година, со што истата донесе крај на воениот судир во земјата, а зошто сега тоа не го прави?. Таа аболиција беше тогаш поздравена бидејќи стави крај на судирот меѓу Македонците и Албанците во земјата и сега, претседателот Иванов вели дека тој ги помилува сите поврзани со скандалот со прислушувањето, бидејќи тој со тоа става крај на политичката криза.
Запрашана што е сега променето меѓу 2001 и 2016, бидејќи сите гледаме дека одлуката е донесена за да се смири и реши состојбата што во моментов владее во Македонија, Коцијанчиќ со одговор:
            
– Јас ја истакнав нашата позиција и тука ние стоиме. Како што кажав и вчера, а тоа останува случај и денеска, нашите контакти продолжуваат. Видовте дека комесарот Хан вчера се сретна со тројцата европратеници кои беа дел од посредувањето минатата година. Има контакти и на ниво на нашата Делегација во Скопје и преку седиштето и има многу работи што се случуваат во однос на активност, но нашата позиција е изразена денеска и за цело време, избегна директен одговор Коцијанчиќ.
            
На прашање на бугарски новинар дека аболицијата и сегашните случувања се суверено национално прашање на Република Македонија, но дали Хан има намера да оди во Скопје како посредник повторно или не, гласноговорничката на ЕК со одговор:
            
– Како што реков, нашата посветеност продолжува и во Скопје и тука. Има контакти кои се одвиваат и ова очигледно не е ново. Знаете дека БЈР Македонија е земја-кандидат која јасно има евро-атлантски аспирации и во овој контекст ние работиме со сите инволвирани во поддршката на решавање на политичката криза што долго време се одвива во земјата, посочи Коцијанчиќ.
           
За тоа дали постои ризик Македонија да го загуби статусот на земја-кандидат ако работите се влошат и дали има процедура каде земјата може да се придвижи назад и да го загуби статусот, Маја Коцијанчич исто така одби да даде директен одговор:
– Нема да влегувам во шпелкулативни сценарија во моментов. Она на што ние се фокусираме е да видиме што можеме ние да сториме со цел да помогнеме политичките лидери во земјата да ја решат политичката криза. Ова е напор не само на ЕУ, туку на пошироката меѓународна заедница, не само деновиве, туку за едно далеку подолго време и ова останува наш фокус денеска, заклучи Коцијанчич.