ЕУ решава за суспензија на Шенген зоната

ЕУ решава за суспензија на Шенген зоната. Министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ денеска во Брисел ќе разговараат за можноста за воведување контрола на внатрешните граници во рамките на Шенген зоната за период од две години, како една од мерките за справување со приливот на имигранти, пренесува МИА.

Прашањето за контрола на внатрешните граници во Шенген зоната, стана актуелно во рамките на Унијата откако Грција не успеа да се справи со миграцискиот прилив и со тоа предизвика незадоволство кај повеќето побогати членки на ЕУ, кои се главна цел на имигрантите.

Инаку, во последните неколку  месеци неколку земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, веќе воведоа контрола на своите граници, мерка која според правилата на Шенген зоната не може да трае подолго од шест месеци.

Луксембург, кој е актуелен претседавач со ЕУ, соопшти дека поради ваквото правило „некои земји на Унијата“ не ќе можат да спроведуваат контрола на своите граници по март 2016 година, поради што било решено да се донесе одлука за внатрешна гранична контрола на ниво на Унијата и тоа за период од две години.

Не станува збор за укинување на Шенген зоната, како што тврдат некои. Ова е само иницијатива која има за цел да претставува гаранција дека некои членки нема да побараат напуштање на Шенген зоната по март 2016 година, доколку состојбата во Грција не се подобри, изјави дипломатски извори од Брисел.

Весникот „Фајнејншл Тајмс“ пишува дека е можна суспензија на Шенген зоната во траење од една до две години. Како што пишува весникот, можноста за активирање на членот 26 од Договорот се предлага во подготвениот сокумент за состанокот на министрите за внатрепни работи.

Тоа значи дека привремените контроли на границите воведени ова лето, помеѓу земјите како што се Германија и Аустрија би станале долготрајна мерка, што би предизвикала прекин во зоната на движење, наведува ФТ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.