ЕУ: Седум држави го блокираа Шенгенот

Европската комисија соопшти дека Австрија одлучила „поради ситуацијата со имигрантите која излегла од контрола“ до февруари да продолжи со воведениот надзор на внатрешните шенгенски граници. Со тоа вкупно седум земји од ЕУ имаат воведено привремена гранична контрола во шенгенскиот простор.

Оваа информација ја изнесе претставничката за медиуми во Европската комисија, Наташа Берто.

Медиумите во ЕУ пренесуваат дека и Словенија ќе воведе проверка на пасошите и идентитетите на патниците на своите граници.

Берто навела и дека Шведска, Данска, и Норвешка имат воведено надзор на шенгенските граници.

Таа додала дека поради проценките за потенцијалната ситуација, исти мерки преземале и Австрија, Франција, Германија и Малта.

-Австрија во Европската комисија веќе во септември извести дека воведува привремен надзор на внатрешните шенгенски граници, согласно статутот и одредбите на Шенгенот, објаснила Берто.

Медиумите во ЕУ ја пренесоа изјавата на претставникот на австриското Министерство за надворешни работи дека „следната етапа би можела да биде воведување контрола на словенечките граници“.

Италијанските медиуми пренесуваат дека тоа ги загрижило властите во Рим, бидејќи би можело бегалците да се пренасочат на италијанските граници, ако веќе немаат премин преку Австрија и Словенија.

Римските власти се вознемирени и поради тоа што германската канцеларка Ангела Меркел и баварскиот премиер, Хорст Зехофер се договориле многу брзо да го отфрлат барањето за азил на мигрантите кои доаѓаат од северот на Африка.