ЕУ со нови санкции кон олигарсите од Крим

Претседателите на Европскиот совет и на Европската комисија, Херман ван Ромпуј и Жозе Мануел Барозо, доцна синоќа до земјите-членки на Европската унија испратија писмо со кое ги известуваат дека е донесена одлука да се воведат нови рестриктивни односи кон лица и компании поврзани со кризата во Украина, јави МИА.

На оваа најнова листа, чии поединечни детали и имињата на санкционираните ќе бидат познати в понеделник, во писмото се наведува дека ќе се најдат руски политичари, олигарси и членови на новата Влада на Крим и на источно-украинската област Донбас.

– Би сакале да ве информираме за преземените чекори за спроведување на заклучоците на Специјалниот Самит на Европскиот совет од 30 август каде Советот побара од Комисијата итно да преземе подготвителна работа, заедно со Европската слуѓба за надворешни работи (ЕЕАС) и да презентира предлози за разгледување во рамките на недела, а со цел зголемување на рестриктивните мерки на ЕУ во поглед на дејствата на Русија за дестабилизирање источна Украина – се наведува во писмото на Ван Ромпуј и Барозо до земјите-членки на ЕУ.
Притоа, тие наведуваат дека Европскиот совет, Комисијата и ЕЕАС презентирале на 3-ти септември до амбасадорите на ЕУ-земјите во Брисел, кои работат ан ниво на КОРЕПЕР-групата сет на зголемени мерки во врска со пристапот до пазарите на капитал, одбрана, двојна употреба на стоки и чувствителни технологии.

Исто така, според лидерската двојка на Унијата, на новата листа на санкции има список на нови лица, вклучувајќи го и новото раководство во Донбас, членови на Владата на Крим, како и руски лица што носат одлуки (политичари) и олигарси.

– Изборот и проценката на опциите за овој втор круг на економски санкции е правен по истите критериуми (ефикасност, цена/корист, рамнотежа меѓу секторите и земјите-членки, меѓународна координација, реверзибилност/приспособливост, правна издржаност/леснотија на извршување) и се водевме според претходниот пакет. Пакетот, пак, кој се донесе во јули беше всушност дизајниран да биде намален, ако е потребно, со различна градација за можна акција во четири области: пазари на капитал, одбраната, двојната употреба на стоки и чувствителни технологии – посочуваат Ван Ромпуј и Барозо.

Според се уште актуелните претседатели на Советот и на Еврокомисијата, овој нов пакет на рестриктивни мерки е договорен на ниво на КОРЕПЕР-групата и истиот ќе и даде на Европската унија ефикасен инструмент што ќе овозможи да се обезбеди одговор во кус период. Исто така, ова се очекува да ја зголеми ефикасноста на мерките и да го зајакне принципот дека санкциите на ЕУ се насочени кон промовирање на промена на курсот во акциите на Русија во Украина. Формалното усвојување на овој пакет на нови рестриктивни мерки, лидерската двојка на ЕУ наведува дека ќе биде направено преку писмена постапка во понеделник.