ЕУ укажувала на пропусти на „Џерманвингс“ уште пред падот на авионот

Европската агенција за безбедност на воздушниот транспорт (ЕАСА) и пред падот на авионот на компанијата Џерманвингс изразувала загриженост во врска со прашањето на безбедноста на воздушниот сообраќај во Германија, особено поради следењето на здравствената состојба на екипажот, пренесуваат  светските медиуми.

Портпаролот на агенцијата на ЕУ Доминик Фуда изјави дека ЕАСА постојано предупредувала дека германската управа за регулирање на воздушната безбедност има сериозен пробелм со дефицит на кадар кој би можел да ја загрози нејзината способност да ги проверува своите превозници и членовите на екипажот.

Копилотот Андреас Лубиц, кој е осомничен дека на 24 март на француските Алпи намерно го урнал авионот со 150 патници и членови на екипажот, на Интернет барал информации за самоубиство и за вратите на пилотските кабини, истакна обвинителството.

Авиокомпанијата Луфтханза, сопственик на Џерманвингс, е под голем притисок откако се појавија информации дека Лубиц ја известил компанијата дека боледува од депресија.