ЕУЛЕКС заминува од Косово без резултат

Европската мисија за владеење на правото (ЕУЛЕКС) по десет години си заминува од Косово со спротиставени оцени за нејзината ефикасност, функционерите со многу пофалби но јавноста со многу критики.

Европската мисија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС) којашто на 14-ти јуни престанува да ги води истрагите и да носи пресуди, беше воспоставена во декември 2008 година, десет месеци откако поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, со поддршка на САД и главните земји од Европската унија, еднострано прогласи самостојност од Белград.

Благодарејќи на стотиците милиони евра потрошени во овие десет години, стотината судии и полицијаци дојдоа на Косвоо за да ги расветлат најтешките злосторства сторени во текот на борбите меѓу албанските бунтовници коишто српските безбедносни сили ги третираа како терористи во 1998 и 1999 година, и по овој период, да се пресметаат со раширените корупција и организиран криминал, како и да ја изградат довербата меѓу жителите на Косово и нивното правосудство.

„Имам право да бидам незадоволна од ЕУЛЕКС“, вели за AFP 46-годишната Силвана Маринковиќ. Исчезнувањето на нејзиниот сопругот Горан пред крајот на војната, како и на 1.600 други луѓе, остана без одговор. „Ниту се обидоа да го решат мојот проблем“, рекла оваа припадничка на српското малцинство на Косово.

Меѓутоа, шефицата на мисијата Александра Пападопулу ги брани „видливите резултати на Косово и бројните очигледни успеси“. Грчката дипломатка притоа истакнува дека ЕУЛЕКС донел 648 пресуди. Ваквото задоволство го сподлува и косовскиот претседател Хашим Тачи кој оценува дека „соработката со ЕУЛЕКС донела извонредна полза за институциите на Косово“.

Меѓутоа, Косово по десет години е на 85-то место од листата на корумпираноста на Transparency International, пред Албанија но зад Србија. Европската мисија во последниот извештај истакнува дека „раширената корупција е причина за загриженост“ за најмладата држава во Европа со 1,8 милиони жители.

Дневниот весник Zeri пишува потсмешливо за ветувањето на ЕУЛЕКС дека ќе ги лови „големите риби“ и напиша дека „ги фатија само малите“. Од тројца поглавни лидери на некогашната Ослободителна војска на Косово (ОВК – UCK), на коишто им се судеше, на слобода се пуштени Сами Луштаку и Фатмир Лимај, а Сулејман Селими е осуден на осум години затвор поради измачување на затвореници.

Меѓу неразјаснетите убиства е и она на новинарот Џемаил Мустафа, кој е усмртен во неговиот дом во 2000 година. Овој поранешен советник на починатиот претседател Ибрахим Ругова во своите коментари го осудуваше насилството на припадниците на ОВК над нивните противници и неистомисленици. Неговата ќерка, 36-годишната Бериане Мустафа мисли дека ЕУЛЕКС „доживеа потполн неуспех“. „Не разбирам како една мисија на ЕУ со стите средства со коишто располага не можеше да расветли ниедно убиство“, вели таа.

Во судирите на Косово загинаа 13.000 луѓе. Невладината организација Humanitarian Law Centre којашто се занимава со воени злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија, наведува дека се решени само 25 случаи. „Има илјадници жртви на политиката на систематско силување коешто го правеле српските сили, а ниеден случај не е решен и ниеден виновник не е казнет“, додава организацијата во соопштението испратено до AFP.

Во Белград, пак, меѓу другото ќе потсетат дека уште во март 2009 година, само неколку месеци од своето воспоставување, судиите на ЕУЛЕКС го ослободија во второстепена постапка Фљорим Ејупи кого мисијата УНМИК го осуди на 40 години затвор поради подметнување и активирање на експлозивна нарпава во автобус на „Ниш експрес” кај Подуево, во февруари 2001 година кога загинаа 12 лица и ранети уште 22 Срби, како и за многу други слични случаи.

„ЕУЛЕКС претставува неуспех. Добра замисла (…) којашто е лошо спроведена“, оценува италијанецот Андреа Капусела, поранешен шеф на International Civilian Officea (ICO), меѓународно тело задолжено да го следи воспоставувањето на институциите на Косово. Мисијата „не дојде со волшебно стапче за неголку години да ги реши сите проблеми на Косово во врска со владеењето на правото“, вели Пападопулу. Аријана Ќосја од независниот истражувачки центар KIPRED, кој се занимава со безбедносни прашања, пак, е разочарана поради недовршените истраги на ЕУЛЕКС коишто „сега на Косово ги преземаат домашните судовои, а таму правосудството уште е под контрола на политиката“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.