ЕУРО 2017 У21: Превисок пораз на Македонија од Шпанија

Младата фудбалска репрезентација на Македонија на стартот на Европското првенство за играчи до 21 година претрпе уверлив пораз од 0:5 (0:3) од Шпанија и покрај допадливата и солидна игра покажана во поле.

На стадионот во Гдиња стрелци за „Црвената фурија“ беа Саул во 10, Асенсио постигна хет-трик со прецизните удари во 16, 54 и 72 минута, а Деллофеу беше прецизен од белата точка во 35 минута.

Шпанската селекција, во којашто настапуваат играчи кои се веќе афирмирани во своите клубови во најсилните европски лиги сепак е пресилен противник. Но и покрај уверливиот пораз, македонските репрезентативци заслужуваат честитки поради смелата и офанзивна игра во текот на целиот натпревар.

За тоа доволно зборува податокот за 24 удари упатени кон шпанскиот гол, неколкуте убави шанси и ударот во пречката на Давид Бабунски, и трите одлични одбрани на шпанскиот голман Кепа.

Претходно во саботата во истата група, во првиот денешен судир на селекциите од Пиринеите и Балканот, во сличен натпревар Португалија со 2:0 ја совлада Србија.