„Еуроактив“: Атина ја разигрува руската карта

Атина ја разигрува руската карта, пишува специјализираната за европски прашања страница „Еуроактив“ наведувајќи дека во пресрет на посетата на Москва на 8 и 9 април грчкиот премиер Алексис Ципрас го повторил отпорот против санкциите на ЕУ кон Москва, истакнувајќи дека Грција има желба да ги зајакне односите со Русија, објави МИА.

„Еуроактив“, повикувајќи се на интервју за ТАСС, во кое Ципрас изјавува дека економската војна како продолжение на реалната војна е пат, што не води никаде, ги изнесува и позициите на грчкиот премиер дека новата структура на безбедноста во Европа треба да ја вклучува и Русија.

За грчката агенција АНА-МПА министерот за труд, животна средина и енергетика Панајотис Лафазанис пред овонеделната средба со рускиот минситер за енергетика Александар Новак и претседателот на Газпром Алексеј Милер изјави дека во односите меѓу Русија и Грција е отворено ново поглавје, пишува „Еуроактив“.

Лафанзис најави и продолжување кон Грција на проектот за гасоводот „Турски поток“, додавајќи дека конечната одлука за тоа прашање ќе биде донесена од грчкиот премиер врз основа на националните интереси на Атина, а не на Европската комисија, што според него не е неконтролиран шеф на националните влади во ЕУ.

„Еуроактив“ наведува дека Турски поток е проект за изградба на гасовод на „Газпром“ за трансфер на гас преку Црното Море до Турција, а од таму до работ на турско-грчката граница. – Една од целите на проектот е да се заобиколи Украина, а друга да се казни Бугарија, што Русија ја обвинува дека ја спречила изградбата на „Јужен поток“, пишува интернет страницата.

Грција покрива 65 проценти од годишните потреби за гас со увоз од Русија. Наспроти договорот од минатата година меѓу грчката компанија ДЕПА, која е увозник и дистрибутор на природен гас и „Газпром“ за намалување на цената на гасот за 15 проценти, Грците продолжуваат на плаќаат највисока цена во Европа поради државниот монопол, наведува „Еуроактив“.

Во интервју за португалски весник „Пиер Московиси“, еврокомесарот за економски и финансиски прашања, изрази увереност дека Русија не е алтернатива за Грција и дека местото на Атина е во еврозоната.

– Затоплувањето на односите со Русија, зајакнувањето на врските со Кина и со земјите од Јужна Европа се не само оправдани цели, туку и неопходност, како во насока на независност на земјата, така и за прекин на антиевропската логика на асиметрична власт на неколку држави во ЕУ, изјави во интервју за „Еуроактив“ европратеничка на владејачката партија Сириза Софија Сакорафа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.