четврток, 25 мај 2017  |  Вести денес: 2

Еуромакс: Проектот за Иловица е по сите светски стандарди

иловица

Поврзани вести

Компанијата Еуромакс како паушални ги оцени тврдењата на Демократската обнова на Македонија (ДОМ) насочени против отворањето на рудникот Иловица во општина Босилово.

ДОМ тврдеше дека почетокот со работа на новиот рудник за бакар и злато ќе предизвика сериозни закани по здравјето, ќе направи и непоправливи промени на релјефните карактеристики на пределот и загрозување и уништување на водотеците, животинскиот и растителниот биодиверзитет.

Од Еуромакс тврдат дека целиот проект се спроведува согласно македонското законодавство и највисоките светски стандарди од областа на рударството, животната средина и социјалните аспекти.

Ги отфрламе паушалните и неточни констатации од страна на политичка партија кои се изнесуваат во јавноста, за наводните негативни влијанија проектот за бакар и злато – Иловица во општината Босилово. Euromax Resources прифаќа секаква аргументирана и отворена дебата за проектот за бакар и злато – Иловица, но не прифаќа да биде ставен во политички контекст врз основ на паушални заклучоци, се вели во реакцијата на компанијата.

Оттаму посочуваат дека влијанијата на проектот се јасно наведени во студијата која е јавно достапна и ги повикуваат сите заинтересирани страни да се информираат од овој детален документ, кој, како што посочуваат, дава најдобар приказ за проектот и влијанијата од него наспротив паушалните заклучоци.

Развојот на проектот за бакар и злато во Иловица тече веќе 10 години во соработка со сите релевантни државни институции на Р. Македонија. Компанијата концесијата за експлоатација ја доби во 2012 година, по што продолжуваат сите активности за исполнување на обврските што произлегуваат од македонското законодавство. Компанијата исто така ги зема во предвид и ставовите и мислењата на локалната заедница преку серијата Отворени денови за јавноста што беа организирани и каде граѓаните имаа можност да ги дадат своите предлози и сугестии, се истакнува во реакцијата.

Во неа се додава дека на досегашните истражувања и изготвувањето на Студијата за оцена на влијанието на проектот врз животната средина, предадена на одобрување во Министерството за животна средина и просторно планирање, покрај тимот на Еуромакс работеле и независни експерти од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, на истражување и утврдување на социо-економските состојби, сообраќајот, квалитетот на воздухот и бучавата.

Домашната компанија „Биомастер“ работеше во делот на екологијата, археологијата и културното наследство, а Музејот во Струмица, водостопанството „Струмичко Поле“ од  Струмица, Управата за хидрометеоролошки работи, пречистителната станица „Иловица“ и шумското стопанство „Беласица“ од Струмица се вклучија во областите од нивен домен. Покрај домашните надлежни институции, на оваа студија работеа и врвни меѓународни консултантски компании „Голдер Асоушиејтс“ и „Шламберже Уотер Сервисис’’ со огромно искуство во областа, посочуваат од оваа компанија.

Нивната експертиза, искуство и знаење за различните аспекти на проектот за бакар и злато во  Иловица, сметаат оттаму е своевидна гаранција и потврда за нивните наоди што се содржат во Оцената на влијанието на проектот врз животната средина.

Во проектот за рудникот за бакар и злато – Иловица Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) учествува со удел од 20%, чие присуство, како што велат од компанијата, е само дополнителна потврда за почитување на строгите критериуми особено во делот на животната средина.

Покрај ЕБРД дел од овој проект е подржан и од Германскиот гаранетен фонд (UFK = Garantien für Ungebundene Finanzkredite) кој го поддржа проектот за заем од 240 милиони евра за финансирање на проектот во следните 12 години.

Проектот за бакар и злато – Иловица, посочуваат од Еуромакс е еден од најголемите грин филд инвестиции во Македонија и  предвидува вложувања од околу 500 милиони долари, а се предвидува да се вработат директно над 400 лица. Според анализите, со отворањето и работата на рудникот вредноста на извозот во Р. Македонија ќе се зголеми за 300 милиони евра на годишно ниво.

Најчитани вести