Еве како да ја ублажите забоболката

Појавата на забоболка со сигурност ќе ви го уништи денот или ќе ви го украде мирниот сон. Непожелната болка во устата иритира и создава неподнослива нервоза. Забоболката може да биде предизвикана од кариес, апсцес или фрактура на забот, воспалени непца, чкрипење, агресивно џвакање, скорашна дентална процедура и сл. Интензитетот и типот на болката варираат, па таа може да се манифестира како чувствителност на топло/ладно или при директен допир на забот, или пак, да биде пулсирачка, остра или константна блага болка.

Посетата на стоматолог е задолжителна при појавата на забоболка и тука важи правилото „колку поскоро, толку подобро“. Но, во моментите кога не можете да стапите во контакт со стоматолог, можете да искористите некој од следниве трикови за ублажување на болката:

  1. Каранфилче. Маслото од каранфилчиња е најпопуларен домашен лек за забоболка. Ако имате етерично масло од каранфилчиња, нанесете 1-2 капки на забот, но внимавајте да не го голтате. Доколку немате масло, ќе ви помогне и употребата на каранфилчиња. Земете 1-2 каранфилчиња, ставете ги во устата за да омекнат и притиснете ги нежно со забите за да испуштат малку од своето масло. Tреба да знаете дека каранфилчињата само го здрвуваат местото за да го намалат интензитетот на болката, а не ја лекуваат.
  2. Плакнење со топла солена вода. Во чаша со топла вода ставете една лажичка сол и промешајте. Шмукајте ја течноста за да ја исплакнете областа околу забот, односно за да ги отстраните евентуалните остатоци од храна.
  3. Држете ја главата подигната нагоре. Подигањето на главата ќе го намали притисокот во областа околу забот и може да ја ублажи пулсирачката болка.
  4. Лук. Земете едно чешне лук, згмечете го и ставете ги директно врз забот. Лукот има својства на аналгетик и антисептик, па може да ви помогне да ја намалите болката.
  5. Ладни облози на образот. Во газа ставете неколку коцки мраз и како облога поставете ги на образот на истата страна каде што се наоѓа болниот заб. Мразот ќе ви го здрви околното место, па полесно ќе ја поднесувате болката. Не ставајте мраз директно врз забот! Иако тоа може моментално да ви помогне, со таквата постапка си правите уште полошо.
  6. Мраз на шаката. Со коцка мраз истријте ја „V“областа од задниот дел на шаката, каде што се спојуваат палецот и показалецот. Тријте 5-6 минути.
  7. Плакнење со 3% хидроген. Користете трипроцентен раствор на хидроген кога имате болка причинета од растење на нов заб или болка во непцата. Хидрогенот ќе ги отстрани сите остатоци од храна и ќе ви ја ублажи болката. Шмукајте го хидрогенот и исплукајте го.
  8. Кесичка од чај. Поставете на забот искористена кесичка од чај уште додека таа е топла. Ова е популарен народен лек за кој се верува дека помага против забоболка.
  9. Гума за џвакање за поткршен заб или падната пломба. Ако имате поткршен заб или падната пломба, покријте ја изложената област со изџвакана мека гума за џвакање без шеќер за да ја намалите болката. Гумата за џвакање може да ви помогне и да фиксирате лабава разнишана пломба. Во ваков случај, најдобро е да го избегнете џвакањето со цел да не ја влошите состојбата.
  10. Средство против болка. Се разбира, кога болката е неподнослива, можете да ја елиминирате со аспирин или друг лек за таа намена.

Важно!

Не нанесувајте аспирин врз самиот заб. Многу луѓе кршат аспирин и го држат врз забот со цел болката да одмине. Никогаш не ставајте аспирин врз забот или околните непца! Ако биде поставен врз непцата, аспиринот може да ги оштети ткивата и да предизвика чувство на печење кое би можело да трае неколку дена.

Исчезнувањето на болката не треба да ви биде сигнал дека сè е во ред и да ве натера да ја откажете посетата на стоматолог. Забоболката е индикатор дека постои проблем, па затоа консултацијата со стоматолог е неопходна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.