Еве кој гласаше за Јана Бурческа и како гласаше Македонија на Евровизија

Музичкиот натпревар Евровизија заврши со победа на Португалецот Салвадор Собрал.

Македонската претставничка Јана Бурческа со песната „Dance Alone“ не успеа да обезбеди место во финалето.

Вчера беа објавени табелите со рангирањето на учесниците во полуфиналните вечери, па познато ни е на кое место остана Јана,  кој гласаше за Македонија и на кои земји им ги дадовме нашите гласови.

Имено, во втората полуфинална вечер, Јана заврши на 15-то место со вкупно 69 поени. Од нив, 40 поени беа од гласањето на публиката, додека 29 поени од стручните жирија.

Публиката од Бугарија ни даде 12 поени, потоа на табелата е Србија со 10 поени, а следуваат Хрватска со 6 поени, Израел со 5 поени, Сан Марино со 4 поени и Швајцарија со 3 поени.

Стручните жирија од Малта и Франција ни доделија по 8 поени, жирито од Србија ни даде 5 поени, жиријата од Украина и Норвешка имаа за нас по 3 поени, додека унгарското жири ни даде 2 поени.

Македонската публика најмногу поени ѝ даде на Србија (12). На Бугарија ѝ даде 10, на Хрватска 8, на Израел 7, на Унгарија 6, на Швајцарија 5, на Естонија 4, на Романија 3, на Холандија 2, а на Ирска 1.

Македонското жири ги почести Бугарите со 12 поени, а Романците со 10 поени.