Еве што кажал Абдеслам на сослушувањето во полиција

Белгиската телевизија БФМТВ утрово објави извадоци од сослушувањето на Салах Абдеслам, човекот што се смета дека е еден од организаторите на нападите во Париз од ноември минатата година.

Абдеслам во полиција тврдел дека тој учествувал во нападите само поради брат му Брахим. Ако Салах Абдеслам изнајмувал автомобили и хотелски соби, тоа било на барање на неговиот брат кој се саморазнесе на 13-ти ноември.

Секој пат кога требаше да платам за подготовките за нападите, парите доаѓаа од Брахим, рекол тој.

Додал дека неговата улога била да се влезе во Стад де Франс и таму да се разнесе, но немал билет.

Се откажав кога го паркирав автомобилот. Ги оставив моите тројца патници и продолжив да возам неодредено, вели тој.

Абдеслам посочил дека контактирал само „една личност, Мохамед Абрини“ откако заедно се откажале да се саморазнесат на Стад де Франс. Сепак истрагата има информации дека тој контактирал и други лица кобната вечер на 13-ти ноември.

Сепак, белгиските медиуми велат дека овие изјави неможе во целост да се земат здраво за готово, ако се земе во предвид дека тој тврдел дека го видел Абуд во Шарлерој ноќта помеѓу 11-ти и 12-ти февруари 2015-тата, а ако се знае дека тие двајца заедно биле осудни за грабеж во 2010-тата, а биле и другари од училиште.