Еве во кои подрачја е можно значително зголемување на водостојот и излевање на реките

Како критични подрачја каде е можно значително зголемување на водостојот и локално излевање на водата од речните корита од Републичкиот Центар за управување со кризи ги посочуваат сливот на реката Брегалница, сливот на реката Крива, сливот на реката Треска кај месноста Пласница и низводно до Девичката клисура, реката Пчиња кај Пелинце и по составот со нејзината лева притока реката Крива како и Струмичкиот регион.

Во продолжение погледнете го интегрално соопштението од РЦУК за тоа каква е моменталната состојба по региони по обилните дождови кои ја зафатија државата.

Велешки регион

РЦУК – Велес, известува дека во текот на ноќта и утрото добиле информации за одрон на автопапатот Демир Капија – Удово и на патот Неготино – Штип кај Серта. Oд ЈП Македонија Пат  се превземени мерки за расчистување на одроните.

Заради оштетување на железничката пруга кај Демир Капија од 08:55 часот во прекин е железничкиот сообраќај на правецот Демир  Капија – Гевгелија. Сообраќајот се одвива до Демир Капија од каде патниците со автобус се транспортираат до Гевгелија.

Од „Специјалниот завод“ во Демир Капија добиено е барање за испумпување на вода од подрумски простории. Известени се во ТППЕ Неготино од каде е испратена екипа за интервенција.

Скинат е заштитен насип на река Бошавица во Демир Капија при што била поплавена ул.Партизанска. Се работи на санирање на насипот.

Дојдено е до излевање на Војшанска река при што биле поплавени 10 – тина куќи во с.Војшанци. Се чека да опадне нивото на водата за да може да се утврди штетата и да се интервенира. Настава во училиштето се одвива но заради надојдената вода нема пристап до училиштето. Од надојдените води оштетен е мостот на реката помеѓу селата Војшанци и Бистренци.

Штипски регион

Заради обилните врнежи од дожд во месноста Глобица појавено е свлечиште на асфалтниот пат на патниот правец Киселица-Ратавици-Злетово во должина од 30-тина метри. Нема загрозени стамбени ниту инфраструктурни објекти. Патниот правец кон Злетово е затворен а возилата се пренасочуваат преку Леговец и Добрево. Екипа од Македонија Пат работи на санирање на патот.

Во претпладневните часови дошло до излевање на Блаталиска река во с.Лакавица заради што биле исклучени пумпите од локалниот водовод. Има излевање и на Крива Лакавица при што се поплавени обработливи површини.

Зголемен е водостојот на реките и каналите во општина Чешиново – Облешево. Ободниот канал  кај с.Бање-Злетовска река прелива  кај с.Бање. Од подземните води во с.Уларци, с.Облешево и с.Чешиново поплавени се дворни површини.

Во општина Кочани пријавени се поплавени дворови во с.Подлог. Екипа од ТППЕ – Кочани интервенира на испумпување на водата од поплавените дворови.

Од општина Конче известуваат дека во моментот реката Конечка е излеана од речното корито и поради тоа е во прекин патниот правец Радовиш – Конче. Има одрони на патниот правец Конче – брана Мантово – Штип при што истиот е  во прекин.

Има прекин на електричната енергија во с.Конче, с.Лубница, с.Ракитец и с.Габревци. Екипи на ЕВН се  на лице место.

Струмички регион

Патниот правец Смоквица – Миравци е во прекин поради излевање на Петрушка Река во близина на н.м. Милетково, до самиот мост. Екипи од Македонија Пат оспособија влез за с.Миравци од кај с.Удово. Патниот правец кон н.м. Моин е во прекин заради излевање на Сува Река пред и по мостот.

Помеѓу 13:30 и 14:00 часот општина Валандово беше зафатена од пороен дожд проследен со ситен град. Регистрирано е излевање на река Вардар кај с.Марвинци при што се поплавени 90 хектари со овошни насади и житни култури.

Кумановски регион

РЦУК – Куманово, известува дека на локалниот пат с.Шопско Рудари – с.Коњух во месноста Врлеј дотечена е суводолица при што е поплавен дел од патот. Училишниот превоз на наставниците и учениците е оневозможен и наставата во с.Коњух е во прекин.