ЕВН ги санира оштетувањата на мрежата од невремето

ЕВН – Македонија интензивно работи на санирање на штетите во дистрибутивната мрежа, настанати од големото невреме кое ја зафати Македонија за време на празниците. од компанијата информираат дека над 10 столба на 35 кВ далекуводи, 60 на среден напон и над 60 на ниско напонско ниво се урнати или скршени во дебарскиот, охридскиот, ресенскиот и струшкиот регион.

– Се уште има непристапни места на кои екипите е невозможно да работат. Со хеликоптер на полицијата беа скенирани критичните точки и секаде каде може да се пристапи, екипите работат на санирање на скршените столбови. Голем проблем на овие планински места каде се наоѓаат далекуводите на ЕВН се непристапниот терен, снегот, ветрот и студеното време. Далекуводите ќе бидат целосно санирани откако временските услови ќе дозволат непречена работа на екипите. Материјалите за санирање, проводниците, изолаторите, челичните делови и дрвените столбови  се подготвени, се чекаат само поволни временски услови за работа, се наведува во соопштението.

ЕВН направи привремено решение и за два дена изгради нов 10 кВ далекувод од кој со електрична енергија се снабдуваат селата во реканскиот крај. Сите населени места во Општина Маврово и Ростуше, како и во охридскиот и струшкиот регион кои беа најкритични по невремето  имаат  електрична енергија.

Според ЕВН Македонија одредени повремени прекини се јавуваат од големите товари на трафостаниците кои се јавуваат поради двојно зголемената потрошувачка. – Затоа, наведуваат, претставници на кризниот штаб на ЕВН Македонија, градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше и претседателите на месните заедници се договорија да се апелира до населението да се користи рационално електричната енергија додека траат минусните температури.

Од компанијата посочуваат дека во сите други градови и населени места снабдувањето е без проблеми. Додаваат дека одредени прекини од преоптоварување на трафостаниците има во ниско напонската мрежа, но екипите на ЕВН се на терен и работат на замена на осигурувачи, изолатори или на други помали дефекти.