ЕВН ги заврши подготовките за грејната сезона

Целосно се опремени и подготвени тимовите за интервенција, а за полесно справување со зимата направени се стратегии и договори за заедничко делување со општините и поголемите зимски центри во земјава, информираат од ЕВН Македонија 

Од почетокот на годината досега направена е инспекција на 13.000 км дистрибутивна мрежа на сите напонски нивоа, како и анализа на подготвеноста на 7.000  трафостаници во земјава. Направена е интервенција на сите забележани критични точки, при што е исчистена вегетацијата на 120 км среднонапонска и на 110 км нисконапонска мрежа. Заменети се над 1.500 столба на средно и ниско напонско ниво, а санирани се над 1.700 делумно оштетени столбови.

Коригирано е заземјувањето на 170 столбa од среднонапонската мрежа и на 30 трафостаници ТС 10(20)/0,4 кВ, а направени се и сите други интервенции на утврдените недостатоци по инспекција на мрежата на сите напонски нивоа. Годинава е изградена нова надземна и подземна мрежа на ниско и средно напонско ниво во вкупна должина од 140 км.

ЕВН на располагање ги става и специјализирани возила за зимски услови и возилата за специфични интервенции, мерни коли за лоцирање дефекти и друга опрема кои ќе бидат распоредени низ сите поголеми центри во земјава со што на располагање е ставена целата механизација. Околу 50 електромонтери се ангажирани во тимовите за брзи интервенции после работното време, а уште 650 може дополнително да се ангажираат.

Од ЕВН апелираат  за рационално користење на енеријата и за заедничко делување против крадците на електричната енергија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.