ЕВН ја развива дистрибутивната мрежа во гостиварскиот регион

ЕВН Македонија ја презентираше инвестициската програма за развој на дистрибутивната мрежа во гостиварскиот регион. На прес конференција заедно со локалната власт беа промовирани реализираните проекти и беа најавени идните чекори за развој на дистрибутивната мрежа, пренесе МИА.

ЕВН изгради две нови трафостаници во селата Дебреше и Добридол со што се подобрија напонските прилики  и сигурноста во снабдувањето со електрична енергија на корисниците од овие населени места. Изградена е над 20 км нова дистрибутивна мрежа на среден и низок напон и над 30 км од постоечката е целосно реконструиранa. Заменети се старите проводници со нови со поголем пресек и заменети се над 220 стари дрвени со нови бетонски столбови. ЕВН Македонија ја реконструираше и ја надгради дистрибутивната мрежа во индустрискиот регион на Гостивар со што директно го подржува развојот на индустриските зони. Вкупната инвестиција досега изнесува над 260 000 евра.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Невзет Бејта, е задоволен од соработката со ЕВН. Истакна дека секоја инвестиција е добредојдена за развојот на овој регион. Посочи дека редовното плаќање на сметките ќе придонесе за зголемување на инвестициите во мрежата со што и развојот и стабилноста во снабдувањето постојано ќе се зголемуваат.

– ЕВН ќе продолжи да ја развива и модернизира дистрибутивната мрежа во гостиварскиот регион со цел задоволување на потребите на индустријата и домаќинствата. Наша примарна цел е сигурност и квалитет во снабдувањето со електрична енергија, изјави Игор Гиевски член на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

За 2015 година ЕВН планира нови инвестиции во дистрибутивната мрежа во гостиварскиот регион. Ќе се градат нови трафостаници во селата Чегране, Питарница, Балиндол, Здуње, Нас. 8 Зона, Неготино. Ќе се реконструираат 9 од посточките трафостаници во гостиварскиот регион и ќе се реконструира во целост далекуводот на среден напон  Лакавица,-Куново-Трново.

Покрај ова ќе се инвестира и во редовното одржување на мрежата, замена на оштетените делови и кастрење на вегетацијата околу главните далекуводи во регионот.