ЕВН Македонија и Град Скопје поставија електрични полначи на повеќе локации

На паркинг-просторот пред Зоолошката градина во Скопје  беше промовиран во средата едниот од повеќето полначи за електрични возила во Скопје. Овој настан е резултат на плодната соработка меѓу ЕВН Македонија, Град Скопје и Јавното претпријатие „Градски паркинг“.

Присутни беа градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, како и други претставници и гости.

„Сообраќајот е еден од изворите на загадување и поради тоа унапредувањето на овој сегмент е исклучително важно за граѓаните. Поддршката од „ЕВН Македонија“ е од големо значење бидејќи испраќа една јасна порака дека за поздрав и почист град одговорни сме сите и сите може да придонесеме. Целта е набргу и јавниот превоз да користи електрична енергија. Во буџетот за 2018 година планирано е субвенционирање од 100 милиони денари на ЈСП за набавка на зглобни електрични екоавтобуси. Се надеваме дека на скопските улици ќе можеме да видиме и електрични такси-возила и други видови превозни средства кои се на електричен погон. Ќе работиме и со Владата на нови законски решенија кои ќе поттикнат и овозможат поширока употреба на електричните возила“, рече Шилегов.

ЕВН Македонија, освен што активно учествува во поставување полначи, за свои работни потреби користи и електрично возило. Со тоа директно придонесува во подигнување на свеста кај граѓаните за заштита на животната средина и намалување на штетните гасови.

„Користењето електрична енергија за оваа намена,секако дека позитивно влијае на околината. Нормално е луѓето да се двоумат меѓу помислата дали да се купи електрично возило пред да бидат поставени полначи или да се купи електрично возило по нивното поставување. Токму затоа ЕВН сакаше да им олесни на граѓаните преку поставување овие полначи, а кога ќе процениме дека тие не се доволни за потребите на растечкиот број корисници на овој вид возила, ќе се потрудиме да инсталираме дополнителни“, истакна Петер.

Полначите за електричните возила се инсталирани во разни места во Скопје каде што има голема фреквенција на луѓе. Сопствениците на електричните возила имаат можност во 2018 година бесплатно да ги полнат своите возила на неколку локации низ Скопје, кај плоштадот Македонија, Зоолошката градина, Градското собрание, „Рамстор“ во Центар и „Капитол мол“.