ЕВН: Поплавените места во скопско добиваат струја

Најпогодените населени места од саботното невреме во скопскиот регион добиваат електрична енергија. ЕВН Македонија попладнево информира дека под напон се ставаат трафостаниците во селата Стајковци, Смиљковци, Инџиково, Сингелиќ, Економија, како и населбите Ченто, Илинден и други.
 Се приклучува трафостаница по трафостаница и корисник по корисник со цел да се избегнат несакани последици по животот и имотот на граѓаните. Се апелира до граѓаните да ги спуштат надолу осигурувачите ако имаат нови спратни табли или да ги извадат осигурувачите ако имаат од постариот тип на спратни табли. Ова мора да се почитува за да се избегнат несакани последици бидејќи во домовите има мокри ѕидови и влажни електрични апарати и кабли. За да се избегнат несреќи од ваков вид граѓаните да не преземаат ништо на своја рака и да бидат во целосна координација со екипите на ЕВН Македонија, наведува ЕВН.
Компанијата информира дека делот од населените места каде немало големи поплави, веќе е под напон, освен одредени улици каде проводниците и трафостаниците сеуште се под вода.
 Во кризниот регион под напон се над 10.000 корисници. Без напон може да останат само местата каде не е безбедно да се пушти напон и корисниците кои сами не сакаат да бидат приклучени додека не ја санираат внатрешната инсталација, се вели во соопштението.
Интензивно се работи и на оспособување на уличното осветлување со цел екипите кои го расчистуваат теренот да можат да работат во ноќните часови.
ЕВН истакнува дека нивните екипи ќе останат на терен со над 80 електромонтери, вклучувајќи и надворешни фирми партнери на компанијата.Компанијата соошти дека изминатите денови донирала и агрегати со чија помош е обезбедено осветлување за една амбуланта и други специфични објекти во кризниот регион, а донирала и парични средства на жиро сметката на Црвениот крст за помош на граѓаните од поплавените подрачја во скопскиот и тетовскиот регион.