ЕВН работи на работи на далекуводот кој е во опасност од лизгање на земјиште

ЕВН Македонија го санира 110кВ столб кој беше зафатен од лизгање на земјиштето во близина на населбата Драчево. Лизгањето на земјиштето е предизвикано од градежни активности од трето лице и во опасност да падне е 110 кВ столб на трасата од Трафостаница Скопје 4 (400/110 кВ ) кон Трафостаница Драчево 1 (110/10 кВ). Поради ова проблеми со напојувањето имаат корисниците од населените места Драчево, Батинци, Љубош, Количани, Китка, Црвена Вода, Алдинци, Караџица, Солунска глава, Палиград, Цветово и Варвара.

Се бара решение за дислокација на столбот затоа што секој час се менува состојбата со земјиштето. Можно е ако има врнежи од дожд целото земјиште да заврши на магистралниот пат Скопје – Драчево заедно со столбот. Во моментов екипите работат на демонтирање на проблематичниот столб и осигурување на соседните два столба, кои може да бидат доведени во опасност.

Во истовреме се работи на воспоставување на нормално снабдување со енергија на населените места. Бидејќи поради прекинот на оваа врска нема доволно моќност за трафостаницата Драчево 2 (35/10 кВ), се преземаат алтернативни решенија. Се префрлаат корисниците на други напојни точки, а поголема моќност ќе се обезбеди со поставување на нов трансформатор. Ова значи дека корисниците ќе бидат повеќе часа без напојување за да може екипите непречено да работат на монтирање на новиот трансформатор. Проценките велат дека до ноќните часови ќе биде под напон новиот трансформатор со два пати поголема моќност од стариот и ќе биде нормализирано снабдувањето со електрична енергија на населените места.

Геолошките испитувања ќе треба да покажат каде ќе минува новата траса. Додека целосно не се санира далекуводот, Драчево и другите населени места ќе се снабдуваат со енергија од алтернативните решенија. Затоа апелираме на разбирање од корисниците за евентуалните можни прекини во снабдувањето и на разумно користење на електричната енергија додека трае санирањето. Ако не се намали потрошувачката можно е да се применат и други мерки. За ситуацијата се известени Центарот за исвестување и тревога на РМ, како и надлежните кои треба да преземат соодветни мерки и да истражат како е дојдено до лизгањето на земјиштето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.