ЕВН започна со санација на дефектите во Кичевско

Неколку села во Кичевско останаа без електрична енергија поради снежните врнежи кои ја зафатија Македонија изминатото деноноќие. Селата Копачијата, Беличка Река, Прекуртурла, Пласница и Зајашка Река немаат електрично напојување а поради снегот кој на одредени места достигнува висина и до 50 см, патиштата се тешко проодни.

Поради тоа, околу 30 села со над 15.000 жители минатата ноќ ја поминаа во темница.

– Екипи на ЕВН цел ден се на терен, како би можеле жителите од овој крај што поскоро да ја добијат електричната струја.Така што во текот на вчерашниот ден во Рабетинска Река и Вранештица работеа три екипи од ЕВН, две екипи од компанијата беа ангажирани во Беличка Река и Копачијата, исто толку работеа во Зајашкиот регион, а по една екипа беше ангажирана во отстранување на дефектите во Осломешко, а една екипа работеше на поправка на трансформаторската станица од каде се снабдуваат градските населби Иванидол, Под Кружино како и селото Кнежино. Како што велат од компанијата, дефектите се на секундарната мрежа, истите не се големи, но повеќе време одзема нивното откривање, отколку отстранување, бидејќи на повеќе делови на електроводите има паднати гранки па и цели стебла – рече Драгољуб Попоски од ПО на Дирекцијата за заштита и спасување.