Еврбаскет 2017: Победи на Латвија, Црна Гора, Србија и Шпанија

Во последните дуели од групната фаза од Европското кошаркарско првенство играни во четвртокот лесни победи остварија Латвија, Црна Гора, Србија и Шпанија, по што се познати сите осминафинални двојки.

Победата на Латвија во Групата Д го затвори кругот од три репрезентации со скор од четири победи и еден пораз, во кој Србија е прва, Латвија втора, третопласирана е Русија.

Латвијците водеа од самиот почеток, а кон крајот на третата четвртина стасаа и до предност од 14 поени. Меѓутоа, Турците во самата завршница на третата и почетокот од последната четвртина дојдоа на само два коша негатива. Латвијците потоа ги искористија многуте грешки на Турција и повторно четири минути пред крајот дојдоа до предност од десет поени (82:72). Турците повеќе не успеаја да се вратат во игра, па домаќинот на првенството од четвртото место оди во осминафиналето против европскиот шампион Шпанија.

Кај Латвијците најдобар беше играчот на Њујорк Нетс Порзингис со 29 кошеви и 7 скокови, а одличен беше Блумс со 17 кошеви, додека Турците ги предводеа Осман со 24 и Махмутоглу со 19 поени.

Во последниот меч од Групата Ц во Клуј Црногорците очекувано славеа против домашната Романија со 86:69 и го потврдија третото место. Црна Гора ја предводеа Ѓуришиќ со 13, Дубевиќ и Ранончиќ со по 13 поени, а Кути со 18 кошеви беше најдобар кај Романците.

Србија во Истанбул лесно ја доби Белгија со 74:54 и си го осигури првото местото за доигрувањето од Групата Д. Отпорот на Белгијците беше скршен веќе во првиот дек, а на крајот разликата растеше до плус 20 поени. Кај Србија најдобри беа Марјановиќ со 22 и Богдановиќ со 15 поени, а во редовите на Белгија Леком со 12 и Ервеј со 10 поени.

Шпанија во Клуј со петтата победа ја потврди првата позиција, а на крајот ја совлада Унгарија со 87:64. Интересно е што шпанскиот стратег неочекувано на овој меч не одмораше никој од главните играчи. Браќата Пау и Марк Гасол постигнаа 20 односно 15 кошеви, а по 15 поени постигнаа Родригез и Вили Ернангомез. Кај Унгарците најдобар играч беше Ханга. Шпанија е прва во групата, додека Унгарија се пласираше во осминафиналето како четврта.

Во осминафиналето во сабота ќе играат Словенија – Украина, Германија – Франција, Финска – Италија и Литванија – Грција, додека во недела ќе се сретнат Хрватска – Русија, Србија – Унгарија, Латвија- Црна Гора и Шпанија – Турција.