Евреите во Аргентина го бојкотираа одбележување на Холокаустот

Еврејската заедница во Аргентина го бојкотираше официјалното одбележување на Холокаустот во Буенос Аирес што го организираше владата, објави МИА,

Ваквото решение е донесено во знак на протест поради однесувањето на претседателот на владата  Кристина Кирхнер, кон истрагата за терористичкиот напад врз Еврејскиот центар во 1994 година. Бојкотот се случува на една недела по мистериозната смрт на специјалниот иследник Алберто Нисман кој раководеше со истрагата за овој напад.

Тој ја обвини владата на Аргентина дека ја прикрива вмешаноста на Иран во терористичкиот напад во кој беа убиени 85 луѓе. Нисман требаше да сведочи пред парламентарната Комисија за безбедност, околу истрагата што ја водеше, но на десетина часови пред да се појави пред парламентарците беше најден мртов во својот стан.

Бројната еврејска заедница ја обвинува владата дека „не сака да се затвори истрагата за нападот“.

Угледни личности во заедницата изјавија дека стравуваат за својата безбедност, како и за безбедноста на нивните луѓе во земјата, но предупредуваат дека се длабоко вознемирени од телевизиското обраќање на претседателката Кирхнер.

Според нивното објаснување, во обраќањето таа не покажала никакво сочувство за иследникот Нисман, како и за жртвите од терористичкиот напад.

Во обраќањето кое наиде на осуда и кај пошироката аргентинска јавност, која од властите бара „правда за Нисман“ претседателката Кирхнер соопшти дека ги распуштила разузнавачките агенции за да се формираат нови откако ги обвини тајните служби дека тие хранеле Нисман со „лажни информации“.

Таа сега тврди дека Нисман бил манипулиран од разузнавачите во нивниот „заговор против аргентинската влада“.

Кристина Кирхнер во меѓувреме се сретна со роднините на жртвите од терористичкиот напад од 1994 година, на кои им зборувала дека владата сега настојува да се продолжи со истрагата, како и дека се бара нов специјален иследник.

Аберто Нисман, пред околу десет години беше определен да ја води истрагата за нападот од тогашниот претседател на Аргентина Нестор Кирхнер, починат сопруг на актуелниот шеф на државата.

Во оваа јужноамериканска држава живее една од најбројните еврејски заедници во светот, со повеќе од 200 илјади луѓе.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.