Еврес: Во првата фаза „Гентерм“ ќе вработи 1.000 лица

Околу 2.000 нови вработувања најави американската компанија „Гентерм” која денеска беше во посета на Општина Прилеп. Како што соопшти денеска директорот на компанијата Јорк Еверс, во првата фаза е предвидена изградба на објект од 6,5 илјади метри квадратни и вработување на илјада лица.

Фабриката треба да профункционира од октомври годинава. Ќе се произведуваат клима уреди и појаси за автомобили, а пласманот ќе се реализира на европскиот пазар кај купувачи како „бентли“, „рено“, „бмв“, „порше“, „фиат“.

– Достапноста на едуцираната работна сила и одличните инвестициски можности беа причините поради кои ја одбравме Македонија. Во игра беа вкупно пет земји од Југоисточна Европа, но по деталните анализи констатиравме дека Македонија е најдобриот избор, нагласи Еверс.

Според него, за Гентерм вложувањето во земјава е голем чекор што ќе им овозможи проширување на бизнисот во Европа.

Според градоначалникот Марјан Ристески, инвестицијата е значајна за подобрување на економијата во Прилеп и за намалување на невработеноста. Во текот на изградбата, посочи, ќе се овозможи и работа за домашни градежни фирми, а кога ќе биде изградена ќе има соработка со локални фирми од услужната дејност.

opstina-prilep1-500

– Со почнување на изградбата на фабриката паралелно ќе се гради и инфраструктурата, а локалната самоуправа ќе ја пружи својата комплетна логистика за спроведување и комплетно реализирање на оваа инвестиција до крајот на идната година. Ќе биде финансиски погодна за градот Прилеп, посочи Градоначалникот Ристески, истакнувајќи дека со отворањето на фабриката во зоната во Прилеп се отвора нова можност за работа на прилепчани што одат на работа во Кавадарци и во Битола.

Согласно проекциите американската компанија ќе гради фабрика со вкупна површина од 21.000 метри квадратни. Паралелно со активностите околу изградбата што треба да стартуваат идната недела, се подготвува и зоната во Прилеп.

Гентерм е глобална, брзорастечка компанија која произведува електроуреди за регулирање на термална енергија во автомобилите. Брои вкупно 9.000 вработени во капацитетите во САД и Украина, а годишно од продажбата реализира 800 милиони долари. Погонот што ќе се отвора во Прилеп, според најавите, ќе биде современ, со најмодерна технологија.