Евробаскет 2017: Црна Гора, Полска и Латвија уверливи во второто коло

Во натпреварите од второто коло на европското кошаркарско првенство Црна Гора уверливо ја совлада Унгарија со 72:48, додека Полска исто така со голема разлика 91:61 го совлада Исланд.

По уверливиот пораз од Шпанија во петокот во Групата Ц, Црна Гора во својот втор настап имаше лесна задача против слабата Унгарија. Црногорците во Клуј умешно ја искористија својата надмоќност на центарските позиции и остварија 18 скокови повеќе од Унгарците, остварувајќи победа а ниеден нивен играч не мина на теренот повеќе од 23 минути.

Никола Вучевиќ и Бојан Дубљевич со по 13 поени и седум скокови беа најдобри кај Црна Гора,м одека Давид Војвода уфрли 20 кошеви за Унгарија која го загуби и вториот натпревар на шампионатот, откако во петокот беше совладана и од Хрватска.

Во Групата А во Хелсинки, Полска го совлада Исланд со триесет поени разлика. За првата победа на Полска на првенството најзаслужен беше Адам Вашчински со 15 поени, додека Хордур Вилјхалмсон со 16 кошеви беше најдобар кај Исланд кој уверливо го загуби и вториот меч.

Латвија до првата победа во Групата Д во Истанбул стаса совладувајќи ја Белгија со 91:64. Кристапс Порзингис и Јанис Тима постигнаа по 27 поени за победниците, додека Аксел ервел со 12 кошеви беше единствениот со двоцифрен ефект кај Белгија. Двете репрезентации по два натпревара имаат по една победа и еден пораз.