Евробаскет 2017: Русија ја декласираше Хрватска, Шпанија во завршницата ја скрши Турција

Бранителите на титулата европски кошаркарски првак Шпанија се пласираше во четвртфиналето од Евробаскетот во Истанбул совладувајќи Турција, додека во следната рунда последна во саботата се пласираше Русија која беше супериорна во дуелот со Хрватска.

Шпанците до победата од 73:56 (19:10, 14:15, 16:18, 24:13) дојдоа потешко отколку што тоа го покажува крајниот резултат од 17 поени разлика, бидејќи Турците уште кон средината на последната четвртина се симнаа на само шест разлика (50:56). Главна причина поради којашто Турците успеаја 35 минути да се држат близу Шпанците беше лошиот шут од дистанца на бранителот на титулата. Но во завршницата Рубио и Хермангомез погодија „тројки“ со кои беше решено прашањето на победникот за во завршницата таа да се зголеми на 17 поени.

Руки Рубио со 15 поени ја предводеше Шпанија, додека Фуркан Коркмаз со 20 кошеви беше најефикасен кај Турција.

Шпанија во четврфиналето ќе игра против Германија која во саботата ја елиминираше Франција со 84:81.

Во последниот осминафинален дуел Русија беше доминантна против селекцијата на Хрватска со 101:78 (25:23, 21:19, 26:15, 29:21). Хрватите беа разбиени од Алексеј Швед кој мечот порано го заврши откако уфрли 27 кошеви со 12 асистенции, додека Бојан Богдановиќ кај Хрватска постигна 28 поени.

Швед мечот го започна со две „тројки“ доведувајќи ја Русија во почетно водство од 6:0. Хрватска во овој дел успеа да направи серија од 8:0, а со „тројката“ на Томас да поведе и со 11:10. Меѓутоа тандемот Швед – Мозгов успеа на крајот од првата четвртина сепак да ѝ обезбеди водство на „зборнаја“. Хрватска во втората четвртина успеа само да дојде до израмнување од 33:33, но повторно и оваа делница Русите ја завршија рутински во своја полза со минимална предност.

На почетокот од второто полувреме Русите повторно заиграа концентрирано наспроти речиси никаквата хрватска одбрана и се одлепија на девет поени разлика (51:42). Последен пат Хрватска се приближи на резултат 53:48 за Русија, но повторно Швед „додаде гас“ и за неполни две минути резултатот гласеше 61:49. Во 27 минута на семафорот веќе стоеше 67:51 за Русија и стана јасно дека Хрватите не можат веќе да се вратат во мечот. Во последната четвртина Русите, во прв ред Швед, го спуштија темпото и рутински го приведоа мечот до крај.

Претходно во неделата четвртфинале изборија и репрезентациите на Латвија и на Србија. Латвија во осминафиналето ја совлада Црна Гора со високи 100:68 (27:15, 26:22, 29:15, 18:16), додека Србија очекувано ја надигра Унгарија со 86:78 (24:16, 24:25, 21:12, 17:25).

Во четвртфиналните дуели во вторник, 12-ти септември ќе се сретнат Словенија – Латвија и Германија – Шпанија. Победниците од овие дуели во четврток ќе играат во првото полуфинале. Во среда, 13-ти септември, ќе играат Русија – Грција и Италија – Србија, а победниците ја сочинуваат втората полуфинална двојка којашто ќе се соочи во петок, 15-ти септември.

Натпреварот за третото место ќе се одигра во сабота, 17-ти септември, а неколку часа подоцна е закажано и големото финале.