Евробаскет 2017: Шпанија и Словенија во полуфиналето

Марк Гасол ги скрши Германците во победата од 84:72 (16 :19, 18:14, 31:20, 19:19) на репрезентацијата на Шпанија во првиот осминафинален меч од европскиот шампионат игран во вторникот, а подоцна во интересен натпревар Словенија ја совлада Латвија со 103:97 (34:23, 17:32, 25:11, 27:31)и го закажа полуфиналниот дуел со „црвената фурија“.

Германија одлично го отвори мечот во истанбулската сала „Синан Ердем“ и во текот на првата четвртина имаше предност од девет поени (11:2), но Шпанија брзо се врати и до крајот на првиот дел фати приклучок. На полувремето актуелниот европски првак имаше и поен предност (34:33), а отпорот на жилавите Германци го скрши Марк Гасол погодувајќи три „тројки“ во последните две минути од третата четвртина, по што Шпанија поведе со 65:53 и до крајот на мечот ја одржуваше предноста.

Помладиот брат Гасол натпреварот го заврши со 28 кошеви, 10 скокови и 4 асистенции. Пол Гасол додаде 19 кошеви, а Серхио Родригез имаше 11 скокови и 7 асистенции. Кај Германците најдобар беше Денис Шредер со 27 поени и 8 асистенции, а Даниел Тајс постигна 15 кошеви.

Шпанија десетти пат по ред се избори за место во полуфиналето од европското првенство, а на 14-ти септември ќе се соочи со Словенија во борбата за големото финале.

Словенците, пак, со Латвија водеа во поголемиот дел од мечот, но никако не можеа да бидат сигурни и да се одлепат од сигурните Латвијци. По водството од 15 поени при крајот на првата четвртина, Словенците на крајот од првото полувреме заминаа со минус од еден поен. Слично Словенците го започнаа и второто полувреме и во последната четвртина влегоа со „плус“ 13 кошеви, но на минута и половина до крајот Латвија дојде до минимално заостанување (92:93), а Едо Муриќ и маестралниот Горан Драгич сепак во самиот финиш ја одлепија Словенија на 97:92 на половина минута до крајот. Лука Дончич на 20 секунди до крајот погоди слободни фрлања за 99:84, а Прозингис промаши „тројка“ за крај на надежите на Латвијците.

Кај Словенците одлични беа Дончич со 27 и Драгич со 26 поени, додека Порзингис ги водеше Латвијците со 34 поени.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.