Еврогрупата денеска ќе расправа за Грција

Министрите за финансии на земјите од Еврогрупата денеска ќе одржат вонреден состанок во Брисел на кој ќе разгледаат дали да биде продолжена или прекината програмата за испраќање на меѓународна финансиска помош за Грција, пишува МИА.

Оваа средба ќе му претходи на утрешното заседание на Европскиот совет. Доколку денеска не биде постигнат едногласен договор за проблемот, тој ќе биде префрлен на утрешниот форум.

Портпаролката на Европската комисија, Мина Андреева вчера изјави дека е малку веројатно денес или утре да биде донесено конечно решение во однос на спасувачката програма за Грција.

На денешната средба на еврозоната првпат ќе учествува новиот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис.

Грчкиот Парламент минатата ноќ и изгласа доверба на новата Влада на премиерот Алексис Ципрас, на само неколку часа пред почетокот на преговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори.

Во обраќањето до пратениците пред нивното изјаснување, Ципрас нагласи дека Владата нема да отстапи од одлуката за утврдување нови услови за земање меѓунаридни кредити.

Грција и плановите на новата Влада за промена на условите утврдени со пакетот помош, ќе бидат глава тема на денешната средба на претставници на земјите-членки на еврозоната.