Еврокомесарот Хан на средба кај претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе го прими комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија Јоханес Хан.

Хан ја почна посетата на Македонија вчера. Најпрво се сретна со премиерот Емил Димитриев, потоа учествуваше на состанокот на министрите за енергетика од Западен Балкан и на Министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, а вечерта имаше одделни средби со лидерите на политичките партии застапени во Парламентот.

Хан ја почна серијата средби со лидерот на Беса, Билал Касами, по што имаше одделни разговори и со Зијадин Села од Алијансата за Албанците, со Мендух Тачи од ДПА, со лидерот на ДУИ Али Ахмети, со лидерот на СДСМ Зоран Заев и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

По средбите со Хан претставниците на Беса, Алијансата на Албанците, ДПА, ДУИ и на СДСМ во изјава за медиумите истакнаа дека со еврокомесарот разговарале за актуелната политичка ситуација во Македонија и за нивните ставови во врска со формирањето на новата Влада. За средбата Груевски – Хан, како што најави пратеникот Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ ќе информира преку партиско соопштение.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.