Еврокомесарот Хан во Македонија

Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан денеска ќе престојува во посета на Република Македонија во рамки на која ќе има средби со македонскиот државен врв.

Како што е најавено, Хан кој е во прва посета на Македонија по стапувањето на функцијата, ќе има средби со претседателот на државата Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, како и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими,пишува МИА.

Се очекува на средбите да стане збор за процесот на евроинтеграции на Република Македонија .

Непосредно пред посетата Хан во изјава за МИА порача дека доаѓа во прва официјална посета на Република Македонија со цел да се реши политичката ситуација во земјата, но и со ветување од најголемите политички партии во Европскиот парламент дека исто како и во успешниот случај во Албанија, ќе се обидат да ја вратат опозициската СДСМ во македонското Собрание.

На прашањето дали сегашната политичка ситуација во земјата може да доведе до тоа Европската комисија да ја одземе препорката за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, Хан посочи дека препораката на Комисијата е кристално јасна, дека земјата треба да се посвети на сите прашања во областите каде се одговорностите, како во судскиот систем и дека не е задача на политичарите да судат, туку правосудниот систем тоа да го стори.

Според еврокомесарот за преговори за проширување, ако некоја политичка одлука е потребна, тогаш е во ред, но се треба да се решава во Парламентот.

– Затоа ги повикувам сите политички партии да се вратат во Собранието. Главната политичка дебата треба да се одвива во Парламентот. Затоа денеска побарав претставниците на главните партии во Европскиот парламент да направат слични напори како што тоа успешно го сторивме во Албанија, каде претставниците на ЕП, Едуард Кукан и Кнут Фленкештајн организираа договор, кој донесе до тоа опозициската партија да се врати во Собранието, истото да го сторат и во македонскиот случај. Ова е добар пример и во однос на Парламентот, па логички е ЕП, а не Комисијата да го стори тоа и затоа во Европарламентот се подготвени да го сторат тоа и среќен сум, се надевам дека ќе успеат, посочи Хан.