Евролига: Алба славеше среде Тел Авив, Реал Мадрид со “лекција” за Жалгирис

Довчерашниот тим на Војдан Стојановски, Алба Берлин изненадувачки славеше во Израел против Макаби Тел Авив.

Иако актуелниот освојувач на Евролигата во натпреварот влезе како огромен фаворит, особено што на последните шест меча забележа пет победи, сепак берлинска Алба беше поприсебна во завршните моменти од мечот и славеше со 59:66.

Реал Мадрид со фантастично второ полувреме забележа убедлива победа од 71:88 над Жалгирис. Литванскиот тим имаше предност од шест поени во финишот од втората четвртина, „кралевите“ израмнија на 47:47, а потоа во преостанатите 20 минути целосно ги демолираа домаќините. Руди Фернандез со 17 поени беше најефикасен кај Реал, пред Рејес со 16 и Ночиони со 15 поени.

На останатите два натпревари Нижни Новгород загуби на домашен терен од Олимпијакос со 82:91, додека честа на домаќините ја спаси Барселона, која успеа да го совлада Галатасарај со 82:70.