Еврообврзницата ќе внесе свеж капитал во стопанството

Преку петтата евробврзница што Македонија ќе ја издаде во својата историја треба да се внесе свеж капитал во земјава и да се гарантира нормален тек на економијата во време на политичка криза.

Инјекцијата на свеж капитал ќе се одрази позитивно врз стопанството, особено врз градежниот сектор. Вложувањата во капитални инвестиции носат поттик и економски раст, вели претседателот на градежната комора при ССК, Роберт Хот, а пренесува „Лидер“.

Со еврообврзницата од 650 милиони евра треба да се покрие буџетскиот дефицит за оваа и за следната година, да се вратат стари долгови, а за сметка на тоа ќе се намали и домашното задолжување.

Еврообврзницата, како должничка хартија од вредност, треба да овозможи дополнителни финансиски средства кои ќе бидат искористени за рефинансирање на претходни задолжувања, а дел и за капитални проекти. Од нив се очекуваат приходи во иднина, бидејќи се работи за долгорочни проекти што носат приноси на долг рок, објаснува универзитетската професорка, Оливера Ѓеоргиевска Трајковска.

Според дел од економистите, со парите ќе се обезбеди макроекономска стабилност и ќе се поттикне растот.

Еврообврзницата може на подолг рок да даде поголема стабилност за финансирање на некои започнати проекти, а најдобро е тие средства да се канализираат во капитални средства за да дадат позитивни ефекти во националната економија. Колку е поголем обемот на средствата што се бара, каматната стапка би требало да биде помала, вели економистот, Влатко Пачешкоски.

Повеќе пари за компаниите

Со издавањето еврообврзница ќе се намали домашното задолжување, што значи дека помалку ќе се користат домашните извори на финансирање, а со тоа ќе се остават повеќе средства за кредитирање на приватниот сектор.

Несомнено дека еден дел од средствата ќе влезат во стопанството, а ова ќе значи прилив на нови финансии, зголемување на ликвидноста на стопанството, тековно финансирање на нивните потреби, како и проширена репродукција која во крајна линија ќе значи создавање основа за сервисирање на долговите, по основ задолжувањето со новата еврообврзница,  објаснува професорката Ѓеоргиевска Трајковска.

Зошто еврообврзница?

Владата ја објави одлуката за издавање еврообврзница на вредност до 650 милиони евра. Процедурата треба да биде затворена годинава, а парите со камата ќе се враќаат во период од 10 години.

Министерството за финансии плаќа камата на еврообврзницата еднаш годишно. Ќе котира и со неа ќе се тргува на Ирската берза за хартии од вредност, се вели во одлуката од Владата.

Сепак, крајниот износ на задолжувањето и висината на каматата ќе зависат од понудата и од побарувачката.

Странските инвеститори се уште имаат доверба во Македонија, ова ќе значи и набавка на финансиски средства со помала каматна стапка. Друга придобивка е можноста за искористување на овие средства за забрзан економски раст, а сите пари кои ќе останат непозајмени на домашниот пазар, ќе останат на располагање и сето тоа би дало дополнителен импулс на домашната економија, објаснува професорот Илија Груевски.

Макроекономска стабилност во време на криза, економски раст и развој, непречен тек на економските активности, пари за стопанството се само дел од ефектите кои ќе се постигнат со парите од еврообврзницата.

Каков е историјатот на Македонија?

Кога е во прашање историјатот на Македонија, досега се издадени четири еврообврзници. Првата е издадена во 2005-та година, во време на СДСМ, на износ од 150 милиони евра. Рокот на враќање и беше 10 години (ја вративме во 2015), а каматата изнесуваше 4,5%, што значи дека вкупно е вратено 217,5 милиони евра.

Втората еврообврзница ја издадовме во 2009-та година (во екот на кризата) на сума од 175 милиони евра, со рок на враќање од 3,5 години и камата од 9,8%, што значи дека вкупно сме вратиле 235 милиони.

Третата еврообврзница ја издадовме до 2014-та на сума од половина милијарда евра со историски најниска камата од 3,97% и рок на враќање од 7 години.

Република Македонија ја издаде четвртата еврообврзница во ноември 2015 година на износ од 270 милиони евра, со камата од 5,125% и рок на отплата од пет години. Побарувачката од инвеститорите беше 2,5 пати повисока, а четвртата македонска еврообврзница ја запишаа над 100 инвеститори.

Каква е состојбата со долгот на земјава?

Според последните податоци на Министерството за финансии, а кои се однесуваат на првиот квартал од годинава, државниот долг на крајот на март изнесувал 3,5 милијарди евра, што претставува 36,8 проценти од БДП.

Јавниот долг, пак, изнесува 4,3 милијарди евра или 45 проценти од БДП. Македонија е една од најмалку задолжените земји во Европа (по Естонија, Луксембург, Бугарија и Латвија), што ги побива тезите пласирани од опозицијата и од експерти блиски до нив дека на Македонија е се заканува грчко сценарио. Напротив, Македонија е држава во која внимателно се води сметка за долгот на земјата.

Благодарение на водењето прудентна фискална политика, Република Македонија останува умерено задолжена земја со државен долг којшто е далеку понизок од пропишаниот мастришки критериум до 60% од БДП, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Тоа го покажуваат и податоците. Во првиот квартал, државниот долг е намален од 38% на 36,8%, а јавниот долг е намален од 46,5% на 45%.

Ако се анализира структурата на јавниот долг, надворешниот јавен долг изнесува 2 милијарди 879,5 милиони евра, внатрешниот 1 милијарда 452,5 милиони евра.

Се намалува домашното задолжување

Во ребалансот сумата за домашното задолжување е преполовена. Денеска за враќање на стари долгови, ќе се обезбедат 8,6 милиони евра, односно 4 пати повеќе од тоа што се повлече вчера. На вчерашната аукција на хартии од вредност беа понудени 3 и 12 месечни записи. Банките во целост ги откупија едногодишните записи, а интересот за 3 месечните записи беше помал. Тоа резултираше со нов вкупен заем од 2, 3 милиони евра.

На овој начин остануваат повеќе средства за кредитирање и раздвижување на стопанството, на тој начин ќе се зглеми ликвидноста на компанииите, а економијата ќе заживее. Значи на тој начин се ослободуваат дополнителни средства во банкарскиот сектор кои ќе се користат за кредитирање, велат експерите.

Инаку, уделот на банките во кредитирање на Владата се намалува, а расте учеството на осигурителните друштва и пензиските фондови.