Европа се враќа 30 години наназад: Мигрантите го рушат Шенген

Европа се враќа 30 години наназад, поради кризата со мигрантите. Само што заврши кризата со еврото во Европската Унија, во моментов во тек е друга криза што се заканува да ги сруши темелите на Европската Унија, односно главната идеја „Европа без граници“.

Иако голем дел од експертските анализи покажуваат дека Шенгенскиот договор најверојатно нема да биде затворен поради бенефитот што го има Унијата од кратењето на времето и трошоците за транспорт на стока ширум Европа, како и од олеснувањата за туристите, но и за владите кои повеќе не треба да плаќаат гранични патроли, зголемувањето на бројот на мигранти и слабото економско заздравување во Европа ќе ја намали политичката поддршка на Шенгенскиот договор.

Според истражувачкиот центар Стратфор, договорот веројатно ќе биде изменет со цел на земјите потписнички да им се овозможи заострување на граничните контроли.

ЕУ, како што укажува Стратфор, се соочува со два проблема кои меѓусебно се преклопуваат: првиот е воспоставување нова миграциска политика со измени на прописите, што нема да биде лесен потег, а вториот е што всушност да се направи со Шенгенскиот договор.

Шенгенскиот договор веројатно ќе биде реформиран до крајот на деценијата, со цел на земјите потписнички да им се овозможи повторно воведување на граничната контрола – се оценува во текстот на Стратфор.

Наспроти ова, поради големиот наплив на мигранти, како и поради стравувањата дека под превезот на мигранти може да бидат прокриумчарени џихадисти на Исламска држава, дел од земјите членки на Европската Унија веќе воведоа построги гранични контроли.

Во текот на викендот Германија воведе повторно гранични контроли поради големиот наплив на мигранти, а истото го направија Словачка, Австрија и Холандија. Засилените контроли на граничните премини во овие европски земји се удар врз Шенген.

Поради мигрантската криза ЕУ се враќа 30 години наназад

Во главната идеологија на Европската Унија се вметнати и правата на движење на луѓето. Слободата на движење беше дел од од Европскиот проект уште во 1950-тата. Сепак Европа без граници стана реалност во 1985-тата кога повеќе земји членки на ЕУ, меѓу кои Франција, Германија, Белгија, Луксембург и Холандија, се сретнаа во гратчето Шенген во Луксембург и го потпишаа договорот за елеминирање на внатрешните гранични контроли.

„Шенгенскиот договор“ во целост почна да се спроведува во 1995-тата година и ги елеминираше граничните контроли помеѓу земјите членки и им дозволи на странските посетители да патуваат без виза. Денес вкупно 26 земји, во и надвор од границите на ЕУ ги користат бенефитите од Шенген договорот. Но, 30 години подоцна овој договор е под закана и практично мигрантската криза ја враќа Европската унија 30 години наназад.

Поради мигрантската криза ЕУ се враќа 30 години наназад
Поради мигрантската криза ЕУ се враќа 30 години наназад

Инаку ова не е прв пат Шенген договорот да биде под закана. Во 2011-тата поради стравот од наплив на мигранти од Северна Африка, Италија и Франција побараа ревизија на договорот. Претходно годинава холандскиот премиер се закани со исклучување на Грција доколку и понатаму продолжи да им дозволува на мигрантите слободен премин во европските земји.

Сепак, зајакнувањето на граничните контроли е дел од договорот. Според него земјите членки може времено да воведе гранични контроли поради националната безбедност. Франција воведе гранични контроли поради бомбашките напади врз Лондон во 2005-тата, а истото го направи и Португалија за време на Европското првенство во фудбал.

Сепак Шенген е една од највидливите манифестации на Европското единство, неговото разрушување че испрати моќен сигнал.

Меркел: Договорот за Шенген би можел да биде напуштен

Весникот „Дејли телеграф“ пред неколку дена ја пренесе изјавата на германската канцеларка Меркел, дадена во Берлин, во која таа вели дека иако сака и натаму да остане принципот на слободно движење низ земјите членки, спогодбата за шенген зоната би можела да биде напуштена.

Меркел: Договорот за Шенген би можел да биде напуштен
Меркел: Договорот за Шенген би можел да биде напуштен

Како што таа посочи, ваквата разврска би можела да се случи, ако другите во ЕУ, не го следат примерот на Германија и не прифатат свој удел во распоредувањето на имигрантите од Блискиот и Средниот Исток на својата територија.

До крајот на оваа година, Германија ќе прими околу 800 илјади азиланти, што е четири пати повеќе од минатата година и повеќе од која било друга членка на ЕУ.

Политичка бомба од Берлин

По трагедијата, кога во напуштен камион беа најдени 70 безживотни тела на мигранти, Австрија донесе одлука да ги зајакне граничните контроли, а со цел да го спречи илегалното влегување на мигрантите на нејзина територија.

Во текот на викендот пристигна вистинска политичка бомба од Берлин: Укинување на Шенген и гранични контроли.

На граничните премини во Германија се спроведуваат гранични контроли, а исто така во застој е и железничкиот сообраќај од Австрија кон Германија. Министерот за внатрешни работи на Германија Томас де Мазијере на вонредна коференција за медиуми објави дека Германија одлучила повторно да воведе гранични контроли.

Минхен полн до врв
Минхен полн до врв

Одредбите од Шенгенскиот договор за слободно движење низ границите, како што беше најавено, привремено веќе нема да важат на германско – австриската граница каде повторно секој патник ќе мора да покаже пасош или лична карта.

Повторно воведуваме гранична контрола. Целта е да имаме надзор во влегувањата во нашата држава. Шенгенскиот договор дозволува ваква мерка од безбедносни причини. Свесни сме за фактот дека кревањето граници и огради не го решава проблемот, но ова е нужен чекор, ни треба време за да воспоставиме ред. Германија покажа голема волја за да им помогне на бегалците, ќе продолжиме тоа да го правиме, но таа помош не смее да биде пренапната, изјави германскиот министер.

Унгарија ги затвора границите

Вагон со бодликава жица синоќа беше поставен за да се загради последниот празен простор на границата со Србија и покрај тоа што ЕУ предупреди дека оградите и засилените гранични контроли не се решение за бегалската криза.

Новинарката Ката Јанесков, ги открила плановите на Унгарската влада да создаде херметички затворен систем кој би ги спречил бегалците да влегуваат во таа земја.

Вагон со бодликава жица синоќа беше поставен за да се загради последниот празен простор на границата со Србија
Вагон со бодликава жица синоќа беше поставен за да се загради последниот празен простор на границата со Србија.

Според текстот објавен на угарскиот портал „Index.hu”, Виктор Орбан планра оваа недела на дело да спроведе две работи.

Првата е прогласување на вонредна состојба во земјата, без оглед дали тоа дополнително ќе ја зголеми критиката кон Унгарија, за нејзиниот однос кон бегалците.

Вториот дел од планот , кој според новинарката треба да се исполни на 15 септември е модификација на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, според кој унгарската полиција би добила право да:

-Депортира секого кој нема шенгенска виза на граница и да го врати назад во земјата од која се обидел да влезе во Унгарија.

-Доколку бегалците на граница побараат азил, повтроно ќе бидат дпортирани, под изговор дека азил требало да побараат во земјата од која се обидуват да дојдат во Унгарија.

-Доколку мигрантите успеат илегално да ја преминат границата и да влезат во Унгарја, според Законот, тие автоматски прават кривично дело. Иста одговорност ќе сносат и доколку се качуваат по пограничната ограда, ја кинат, сечат  или на некој начин ја оштетуваат . Според новиот Закон, казна за тоа е „домашен притвор“. Но, со оглед на тоа дека станува збор за бегалци кои немат адреса во Унгарија, автоматски се праќаат во некој камп, каде што во рок од осум дена ќе добијат судење.

-Според новиот унгарски Закон, кој во основа се коси со Законите во ЕУ, бегалците кои ќе бидат третирани како обвинети, на судење ќе одат без преведувач. Нивната документација нема да се преведува, нема да добијат преведена копија од обвинението за кое се товарат, но и од пресудата која ќе им ја одреди судот.

-Малолетните бегалци нема да имаат посебен третман, туку ќе им се суди како на возрасни. Жалбите ќе се одбиваат во рок од неколку часа, тврди новинарката.

Унгарската полиција веќе почнала да носи контејнери на границата со Србија, кои ќе служат како: „Привремени судници за мигрантите“, пренесува „Index.hu”.

Новиот унгарски Закон ќе направи секој бегалец да добие кривично досие, па според тоа и да бидат депортирани од Унгарија со ознака во Шенгенскиот информативен систем (СИС) како лица кои сториле кривично дело, што автоматски им забранува 10 години влез во која било држава во шенгенскиот систем.

Гранични контроли, покрај Германија воведоа и Словачка, Австрија и Холандија. Патниците веќе нема да може слободно да патуваат и да ги користат бенефитите од безвисниот режим. Тоа накратко би значело дека мигрантската криза удри длабоко во темелите на ЕУ и ја сруши главната идеологија врз која се заснова Унијата, а тоа е „Европа без граници“.  По одлуката за затворање на границите, многумина, сосема оправдано го поставуваат прашањето Дали Мигрантите ја уриваат Шенген зоната, а Европа се враќа 30 години наназад?