АНАЛИЗА: Европа и исламската бурка

бурка

Забраната на исламската бурка е симболична политика – и да точно, таа не може да спречи ниту еден терористички напад.

Но, за едно либерално општество, какво што е европското, важно е и корисно да постави јасни разграничувања.

Ете, каков е односот во европските држави кон овој вид на облека, која едни ја поврзуваат со вероисповед и религија, а други со исламски фундаментализам, пишува француската новинска агенција АФП, пренесува Нетпрес.

Холандија

Во вторникот, пред два дена, холандските пратеници гласаа со огромно мнозинство за забрана на исламската бурка на јавни места како болници, училишта, владини објекти и јавниот транспорт. Со тоа мерката го мина гласањето на долниот дом на парламентот и сега претстои таа да биде одобрена од холандскиот Сенат. Овој закон бил предложен од министерот за внатрешни работи на Холандија, Роналд Пластерк, и тоа уште минатата година. Мотив за Пластерк било тоа што облека која го покрива лицето ја отежнува комуникацијата при обезбедување на јавни услуги и би можела да претставува закана за безбедноста. Нарушувањата на забраната, ако бидат утврдени, би можеле да доведат до глоба во висина од 410 евра.

Германија

Може да се каже, дека во една религиозно индифирентна држава како Германија, религиозната слобода важи за сите вероисповеди и религии. Но, до каде всушност се простира толерантноста? Носењето на бурка вознемирува многумина, но не се’  што им пречи на многумина треба да биде забрането. Во врска со ова германскиот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, има право. Но, токму тој ја предложил делумната забрана на бурката, која е традиционална за исламот. Де Мезиер, еден од најблиските сојузници на Меркел, изјави дека зарбаната ќе опфати „места, каде тоа е неопходно за соживот во нашето општество“, вклучително и државни институции, училишта и универзитети, судски сали, како и демонстрации.

Франција

Тоа е првата европска земја, која со закон забрани целосно покривање на лицето на јавни места, кој стапи на сила во април, 2011 година. Европскиот суд за човекови права, во 2014 година, ја потврди забраната за носење бурка, и ја отфрли забелешката дека со овој закон во Франција се нарушува религиозната слобода. Законот доведе до околу 1.500 приведувања во последниве пет години. Глобите за прекршување на овој закон во Франција изнесуваат околу 150 евра. Кон средината на годинава, неколку француски градови се обидоа да ги забранат буркините – традиционален исламски костум за капење, кој целосно го покрива телото на жената.

Белгија

Носењето на бурки е уредено со закон од 1 јуни 2011 година. Тој забранува „појава на сите јавни места на лица, кои се маскирани или скриени, целосно или делумно“. Постојат и исклучоци, поточно кога на работни места се бара лицето да биде скриено, или при учество на карневали на пример. Прекршувањата на овој закон може да доведат до парични глоби и/или до седум денови затворска казна.

Бугарија

Во септември, годинава, бугарските пратеници одобрија закон со кој се забранува на јавни места носење на облека, која делумно или целосно го покрива лицето, со исклучок на ситуации кога станува збор за здравје или за професионални причини. Прекршувањето на овој закон во Бугарија води до глоба во висина од околу 100 евра, а последиците од прекршувањето на законот се санкционираат со казна во износ од 750 евра.

Италија

Во Италија, пак, моментно во тек е дебата за закон од 1975 година, кој предвидува заштита на јавниот ред и мир и според кој покривањето на лицето на јавни места е незаконско. Антиимигрантската политичка партија Северна лига, во октомври, годинава, претстави проект – закон за регионот Ломбардија, кој забранува носење на бурка, никаб и буркини.

Швајцарија

Долниот дом на швајцарскиот парламент, во септември, годинава, одобри закон за национална забрана на бурката, но мерката сепак останува далеку од моментот на нејзина примена, односно од стапување во сила. Во јужниот кантон Тесин бурката е забранета од 1 јули, годинава, и прекршувањето се санкционира со минимална глоба од 100 швајцарски франци.

Велика Британија

Нема закон за ограничување на носењето на облека од религиозни причини. Но, и покрај тоа, во март 2007 година, министерството за образование објави директиви, кои дозволуваат директори на државни институции и училишта да изречат забрана за носење бурка. Судиите, исто така, имаат право да откажат сослушување и сведочење на судење на забулени жени, бидејќи немаат можност да го потврдат нивниот идентитет.

Скандинавските држави

Норвешкиот министер за образование, Торбјорн Рoе Исаксен, во октомври, годинава, изјави дека неговата влада се стреми кон воведување на одредба за забрана на покривањето на целото лице во училиштата и универзитетите. Данска и Шведска одлучија училиштата, администрацијата и фирмите сами да одлучуваат по тоа прашање. Во Финска, пак, не постојат никакви ограничувања.

Други држави

Три други земји, кои не ја забрануваат бурката, се оние кои географски се најблиску до Блискиот исток и до Северна Африка – тоа се: Грција, Португалија и Шпанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.