Свет

Европа пред нова рецесија

Европа пред нова рецесија

И покрај последните обиди на Европската централна банка да ја стимулира европската економија, економската слабост на стариот континент кој во последните неколку години се лизга од криза во криза, се чини дека тешко може да се излекува во догледно време, сметаат економските аналитичари.

Според податоците на Евростат од септември, во Еврозоната не е забележан раст. Загрижува тоа што рецесија и се заканува дури и на Германија, која ги намалува прогнозите. Франција и Италија, која по трет пат влезе во рецесија, континуирано паѓаат. Негативен раст се забележува во Данска, Кипар и Романија, на нула се Бугарија и Словенија, а Белгија, Австрија, Финска и Шведска немаат многу со што да се пофалат.

Според последните податоци, земјите од Еврозоната, кои се најразвиени во Европа, економски стагнираат во споредба со претходниот квартал, со што се прекина трендот на минимални, но позитивни, стапки на раст. На ниво на Европската унија, пак, забележан е незначителен раст од 0,2%, што воедно значи и забавување во однос на растот од претходните четири квартали.

Иако е рано да се каже, некои економски параметри укажуваат дека Европската унија може по трет пат да се најде во рецесија, по негативните стапки кои се остварија како резултат на светската економска криза во 2008 и европската должничка криза во 2010 година. Заради економската поврзаност на земјите од Југоисточна Европа со ЕУ, ефектите од претходните кризи силно се почувствуваа кај земјите од регионот, вклучително и во Македонија.

Она што е особено загрижувачки од овој аспект е што европскиот економски мотор, Германија, почна да забавува (во вториот квартал од 2014 забележа раст од 1,3% на годишна основа што претставува значително забавување во однос на првиот квартал-2,2%). Дополнително, земјата на квартално ниво забележа пад на БДП од 0,2% во однос на првиот квартал од 2014 година. Аналитичарите сметаат доколку ваквиот тренд продолжи можно е Германија да влезе во рецесија, што би имало негативно влијание на пазарите и инвеститорите, а со тоа ќе се зголемат ризиците за растот на целата Европска унија.