Европа се подготвува за можни проблеми поради затемнувањето на Сонцето

Европските електроенергетски оператори се подготвуваат за евентуални проблеми во снабдувањето со електрична енергија, кои би можеле да се појават во петок како последица на очекуваното затемнување на Сонцето, пренесува МИА.

– Ризикот од таков инцидент неможе целосно да се исклучи. Затемнувања на Сонцето имало и порано, но со зголемувањето на производството на соларна енергија се зголеми и ризикот од инциденти, кои би можеле да бидат сериозни, соопшти Европската мрежа на преносни системи за електрична енергија (ЕНТСО).

Експертите проценуваат дека затемнувањето на Сонцето би можело да предизвика проблеми во работата на соларните електрани со што сериозно би бил загрозен европскиот електроенергетски систем.

Според нив, при стартот на затемнувањето би можело да дојде до драстичен пад на производтсвото на струја за дури 34.000 мегавати, што е приближно еднакво на произвоството на електрична енергија во 80 просечно големи класични електроцентрали.

За време на замрачувањето производството на соларна енергија би можело да се намали и до 75 проценти.

Се очекува од овој проблем најтешко да биде погодена Германија, која има соларни централи со вкупен капацитет од 40.000 мегавати, кои покриваат 18 проценти од вкупните потреби на струја на земјата. Покрај Германија, со проблеми би можеле да се соочат и Италија, која има солрани капацитети од 20.000 мегавати, како и Шпанија и Франција, кои имаат сончеви електрани со моќност од 6.700, односно 5.700 мегавати.

Во петок ќе се случи сончево затемнување видливо во Европа и Северна Африка, кога Месечината ќе се најде во линија меѓу Земјата и Сонцето. Затемнувањето ќе започне во 7:15 часот по Гринич и ќе биде видливо од различни локации до 11:55 часот. Најдолгото затемнување ќе трае две минути и 47 секунди и ќе биде видливо на Фарските Острови.

Следното затемнување на Сонцето во Европа ќе се случи на 12 август 2026 година.