Европјаните се побогати отколку пред кризата

Богатството на европските домаќинства во минатата година ги надминало нивоата од пред финансиската криза во 2007 година, покажале податоци од истражување, кое го спровела швајцарската приватна банка „Џулиус Баер Банк“.

Истражувањето не било фокусирано само на ликвидноста на домаќинствата, како акции, облигации или фондови, туку и на нето состојбата, поточно и на финансиски активи и на недвижности.

Во 2013 година, вкупната состојба на европските домаќинства достигнала рекордни нивоа од 56 трилиони евра, регистрирајќи зголемување од 1,7 отсто во однос на претходната 2012 година, покажало истражувањето на банката насловено како „Wealth Report Europe“.

– Пред финансиската криза во 2007 година, таа бројка изнесувала 54,5 трилиони евра. Развојот на богатството на државите варира значително од кризата во 2007 година, наведуваат авторите на истражувањето.

Истовремено, нето богатството на домаќинствата во Европа, пак, од 2007 година до сега, се зголемило за дури 68 отсто во Швајцарија и со 18 отсто во Германија. Но, има и земји каде тоа значително се намалило. Така на пример во Шпанија намалувањето е 28 отсто, а во Грција 23 отсто.

Според извештајот, интересно е што 10 отсто од најбогатите европски домаќинства поседуваат повеќе од половината од богатсвото на Стариот континент. Само 1 отсто од најбогатите луѓе во светот, поседуваат околу 27 отсто од вкупната нето состојба во Еворпа.

Повеќе од две третини од нето состојбата во Еворпа е рапсоредена во само четири држави – Германија со 13 трилиони евра, Велика Британија со 9,6 трилиони евра, Франција со 9,5 трилиони евра и Италија со 8,3 трилиони евра.

Сметајќи по глава на жител, имотната состојба на населението во Еворпа изнесува во просек по 167.100 евра. На прво место е Луксембург со нето состојба од 432.000 евра по глава на жител, на второ место е вајцарија со 394.900 евра и трета е Белгија со 241.000 евра по глава на жител.

Словачка и Грција се на дното на листат со 58.000, односно 33.300 евра по глава на жител.

Во однос на предвидувањата за иднината, авторите на истражувањето предвидуваат дека богатството на европските домаќинства ќе се зголеми за дури 40 отсто и ќе достигне 79 трилиони евра до 2019 година. Според нив, основата за растот треба да дојде од опоравувањето на големите европски компании по рецесијата.