Европол: До крајот на годинава се очекува првото „он-лајн“ убиство!

Европол, полициската агенција на Европската Унија, предупредува дека до крајот на оваа година би можеле да го имаме првото онлајн-убиство, пренесува Франс прес.

Европските полицајци, предупредуваат дека сајбер криминалците сѐ почесто своите жртви ги демнат преку Интернет и технологиите што се поврзани со него. Хакерските напади врз безбедносната опрема би можеле во иднина лесно да доведат до вистински човечки жртви, предупредува Европол.
Во светската ИТ заедница веќе подолго време се дебатира за концептот ИоЕ (Internet of Everything, или Интернет на сѐ). Едноставно кажано, живееме во ера во која животот без пристап до Интернет е незамислив. На светската мрежа повеќе не се поврзуваат луѓето како крајни корисници на одредени производи – технологијата на која пристап до мрежата ѝ е неопходен за функционирање е реалност во голем број светски домаќинства.

„ИоЕ отвора сосема нова можност за напади, а сајбер-криминалците веќе бараат начини како да ја искористат шансата. ИоЕ е неизбежен концепт. Мораме да очекуваме сѐ поголемо количество „паметни“ и меѓусебно поврзани уреди. За жал, сметаме дека голем број од тие уреди неизбежно ќе отворат простор за напади на сајбер-криминалците“, се вели во соопштението на Еуропол.

 Сајбер-криминалот денес главно се сведува на хакирање поради финансиска корист. Но Европол верува дека тоа наскоро ќе се промени. Без Интернет многу брзо нема да можат да функционираат таканаречените „паметни“ автомобили и медицински помагала. Поради тоа, првото сајбер-убиство е сосема извесна реалност во многу блиската иднина, смета Европол.