Европратеничката Петир до опозицијата – Ако ја сакате државата, вратете се во парламентот

Минатата недела на плејадата европратеници кои побараа ЕУ да ја воскресне својата принципиелност во однос на Македонија, им се приклучија нови, десетина колеги. Меѓу нив беше и хрватската европратеничка од редовите на ХСС, Маријана Петир. Во интервју за неделникот „Република“, членот на мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија испрати и директна порака до опозицијата и им порача ако ја сакаат државата, да не го сопираат европскиот пат на Македонија.

– Една од сериозните замерки на европската комисија е токму неучеството на опозицијата во работата на парламентот и оваа прилика ја користам да ги повикам сите оние кои ја сакаат Македонија и и посакуваат добро, за отворените проблеми да зборуваат во парламентот и да не го сопираат европскиот пат на Македонија. Верувам дека таков потег би влијаел битно и на мислењето на комисијата и на засилениот ангажман на Комисијата кој е потребен да се совладаат сегашните бариери кои постојат во соседните земји, потенцира Петир.

Европратеничката вели дека политичката зрелост подразбира почитување на изборните резултати и ставање на државните над партиските интереси.

– Сметам дека дијалогот нема алтернатива, односно оти сите проблеми мораат да се решаваат на местата предвидени за тоа и со луѓето кои имаат надлежност за нивно решавање. Нема подобро место за таков политички дијалог од македонскиот парламент. Предизвиците на политичкиот процес кои се пред Македонија, самите по себе се доволно големи и за нивно решавање е потребен консензус на сите политички опции. Политичката зрелост подразбира почитување на изборните резултати и сузбивање на партиските и/или поединечните интереси. Ако на македонските политичари им значи иднината на Македонија и нејзиниот напредок, тие мораат да ги сузбијат меѓусебните несогласувања и да се усогласат околу тоа дека добробитта на нивната држава и нивниот народ е на прво место, дека е добро за Македонија сама да ги отстрани препреките кои може да ги отстрани за да ги одблокира преговорите и оти местото за таков разговор и такво решение е македонскиот парламент, а не улицата, вели хрватската европратеничка.