Европратениците ја искараа Могерини зошто го употребила терминот Македонија

Европратениците на ПАСОК Никос Андрулакис и Ева Каили и испратиле писмо на Федерика Могерини во кое протестираат против тоа што таа го употребила терминот Македонија на прес – конференцијата во Брисел.

„Почитуван висок претставник – Заменик-претседател на Европската комисија, со ова писмо, ние би сакале да го искажеме нашето изненадување и загриженост во врска со одговорот што го дадовте за време на прес-конференцијата за прегледот на европската политика за соседство, во кој говорејќи за Вашата последна посета на поранешна Југословенска Република Македонија (ПЈРМ), ја нарековте земјата со називот ’Македонија’”, пишуваат грчките европратеници.

Тие наведуваат дека според заклучоците од декември 2005 на Советот за општи работи и надворешни односи, „се додека не се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името со Грција, ЕУ ќе продолжи да го користи привремниот назив на поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ) на сите документи на ЕУ и форуми“. Покрај тоа, тие ја потсетуваат Могерини дека „во ’Забелешка за генералните директори и шефови на сервиси’, издадена од страна на Генералниот секретар, Кетрин Деј на 27 август, 2014, е истакнато дека треба да се почитува официјалната практика што се однесува на Поранешната Југословенска Република Македонија, во сите документи и конверзација подготвени од страна на Комисијата, додавајќи дека ’името Република Македонија или Македонија’ не треба да се користи од страна на Комисијата“.

„Затоа, ние љубезно бараме од вас да продолжите со сите неопходни чекори со цел да се поправи и во иднина да се избегне горенаведената контрадикција“, и порачаа Андрулакис и Каили на Могерини.