Европратениците повикуваат на прекин на пристапните преговори со Турција

Водечките пратеници во Европскиот парламент повикаа во средата на официјално прекинување на пристапните преговори на Турција со Европската унија, поради уставните промени коишто беа изгласани на референдумот а со коишто се прошируваат овластувањата на шефот на турската држава, што европратеници го толкуваат како зацврстување на власта на актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Во вторникот турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција нема бесконечно да го чека приклучувањето на Европската унија. Европската комисија потоа побара од министрите за надворешни работи на земјите членки на состанокот во петок да ги разгледаат другите форми на врски со Турција.

„Време е да ги разгледаме односите со Турција. Полноправното членство не е реално. Мораме да му ставиме крај на ова лицемери“, изјави Манфред Вебер, лидер на Европската народна партија (EPP) од десниот центар, којашто ја има најголемата пратеничка група во Европскиот парламент.

„Имајќи предвид дека Турција со таквиот устав не може да биде членка на ЕУ, нема смисла да се продолжи расправата за пристапувањето. ЕУ би требало официјално да ги прекине пристапните преговори, доколку уставните промени бидат спроведен во неизменетата форма“, порача Кати Пири, холандска пратеничка од левиот центар и известувачка на Европскиот парламент за Турција.

Повиците на официјален прекин на преговорите со Турција ги предводи Австрија, додека другите земји членки на ЕУ се попретпазливи, стравувајќи од натамошното заладување на односите со оваа значајна членка на НАТО, од којашто овие земји зависат од запирањето на мигрантскиот бран.

Одговарајќи на критиките од ЕУ за референдумот, Ердоган ден по победата на референдумот ја спомена можноста за организирање референдум и за продолжување на пристапните преговори со Унијата.

„Нé држат 54 години на прагот од Европската унија, зарем не? Можеме да ја послушаме желбата на нашиот народ или нивната одлука“, порача Ердоган.

Односите меѓу ЕУ и Турција се многу тензични последните месеци. Турскиот претседател ги обвинува европските челници за нацистички методи, откако тие ги забранија собирите за поддршка на референдумот во Германија и Холандија, а турските министри беа спречени да учествуваат на нив.

„Европската унија се заканува со замрзнување на преговорите. Искрено зборувајќи, тоа не ни е многу важно. Нека ни јават што одлучиле“, изјави Ердоган.

Во текот на кампањата за референдумот и јакнењето на претседателските овластувања, Ердоган повеќепати повтори дека ќе се залага за враќање на смртната казна, во рамките на борбата на Анкара со тероризмот. Француското претседателство, пак, истакна дека таквата иницијатива би претставувала јасно раскинување со вредностите на ЕУ.

Брисел повеќепати предупредуваше дека однесувањето на Анкара ја доведува во прашање нејзината посветеност за пристапување кон ЕУ. Европската комисија на почетокот во годишниот извештај за напредокот на Турција на патот кон Унијата, ги нотираше неуспесите на политиките на Анкара во сферата на граѓанското општество, човековите права и слободата на говорот. Во извештајот, исто така, беше истакнато дека турските власти не прават доволно за прилагодување на законодавството кон европските норми.

Спогодбата за асоцијација меѓу тогашната Европска заедница и Турција беше потпишана во 1963 година. Апликацијата за членство во Европската унија, Анкара ја поднесе дури во 1987 година. Пристапните преговори за членство, пак, започнаа дури во 2005 година, а повеќепати беа усложнувани поради несогласувања што доведе до нивно прекинување. Во моментов отворени се 16 од 35-те поглавја од пристапните преговори

Во март 2016 година челниците на земјите членки на ЕУ се согласија да ги интензивираат преговорите со Турција, во замена со согласноста на Анкара да помогне во намалувањето на приливот на имигранти во европските земји преку турската територија. Меѓутоа, и покрај тоа преговорите се на мртва точка веќе неколку години, а Анкара и Брисел меѓусебно се обвинуваат за неизвршување на одредбите од мигрантскиот договор.