Европска комисија: Секој има право да демонстрира, но не насилно

Европската унија денеска повторно излезе со повик до сите граѓани на Република Македонија да останат смирени и да се воздржат од насилство, пишува МИА.

Маја Коцијанчич, портпарол на Европската комисија, по повод најавените утрешни протести и контра-протести во однос на судската разрешница на случајот „Монструм“, во име на официјален Брисел ги повикува македонските граѓани и политичките лидери во земјата „да се здружат во духот на конструктивен дијалог за решавање на прашањата кои го поткопуваат заемното разбирање и кооперативни меѓуетнички односи“.

„Сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и правото да се вклучат во деструктивни или насилни акти“, вели Коцијанчич во изјава за МИА.

Гласноговорничката на неформалната Влада на Унијата го повтори минатонеделното соопштение и повик на канцеларијата на ЕУ во Скопје и истакна дека „додека секој меѓуетнички инцидент или обид да се поттикне нетолеранција е шанса да се политизира и да се искористи ситуацијата за лични или политички цели, тоа е исто така можност да се отвори дијалог и да се зајакнат врските меѓу различните заедници“.

„Ова е можност за лидерите да застанат зад интегрираната земја што целосно ги почитува своите различности“ порачува на крајот портпаролката на Кетрин Ештон, висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Официјален Брисел е загрижен од можноста да дојде до ново насилство и нарушување на меѓуетничките односи во Република Македонија во текот на утрешниот ден, со оглед на тоа што освен протести на поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, овојпат се најавени и контра-протести од страна на оние кои даваат поддршка на пресудата доживотен затвор за убијците на четирите момчиња и еден возрасен човек на православниот празник Велики петок во 2012 година.