Европската десница со поддршка за Владата, а со остра осуда за Заев

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП) во Советот на Европа, Педро Аграмунт дава силна поддршка за Владата за последните случувања поврзани со случајот „Пуч“ и упатува остра осуда против лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Аграмунт,  по однос на обидот за недемократското преземање на власта изразува загриженост во врска со последните настани во Република Македонија, посебно, како што нагласува во однос на неодговорното однесување на политичката опозиција.

-Почитување на владеењето на правото е суштински поврзано со почитувањето на демократијата и фундаменталните  права.  Затоа, ги осудувам обвинувањата на Зоран Заев, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,  и го повикувам да ги преиспита неговите обвинувања кон Владата на Република Македонија, бидејќи никој не може да биде осуден, освен ако е обвинет врз основа на законот. Политичкото однесување за постигнување на нелегитимни  цели не е прифатливо во било која форма или облик на демократија. Заканите од страна на лидерот на опозицијата кон премиерот на Република Македонија, Никола Груевски, не се соодветни за да изрази коректна критика кон власта, вели Аграмунт.

Според него,  само политичките аргументи и политичките програми со поддршка од граѓаните се демократските начини да се добијат изборите во демократските држави.

-Исто така, ја осудувам вмешаноста на странски држави преку нивните  тајни служби и нелегалното прислушување на телефонските разговори на највисоките политички претставници на Македонија, за соборување на Владата на Република Македонија. Не може да постои демократија и почитување на фундаменталните права, без почитување на владеењето на правото и обратно. На крај, Би сакал да ја истакнам важноста на политичкиот дијалог во решавање на конфликтите и да повикам на одговорност на опозицијата во македонската политика за почитување на демократските правила на политичкиот систем, вели Аграмунт.

Аграмунт бил член на шпанската делегација во Собранието на европската безбедност и одбрана на Западноевропската унија, бил и претседател на Комитет на претседатели, Комитетот за одбрана и Политичкиот комитет. Покрај тоа, бил претседател на Федералната група на демохристијаните и европските демократи,  и на крајот претседател на Европските народни партии во Совет на Европа.

Член е на шпанската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа од 2000 година, и членува во Комитетот за миграции, бегалци и население, како и во Поткомитетите за бегалци и миграција,   Комитетот за политички прашања, Поткомитетот за Блискиот исток и системите за рано предупредување и спречување на финансиски кризи во Европа,  Комитетот за економски прашања и развој, Комитетот на почесни должности и обврски од земјите-членки од Советот на Европа (Мониторинг Комитет) каде е и потпретседател. Бил известител за спроведениот мониторинг во Монако и е актуелен известител за Мониторингот во Азербеџајн.

Претседател на Групата на Европски народни партии во Совет на Европа е од јуни 2013 година.

фото: Република