Европски предизвик за Металург и Хоризонт Т.

Победнички старт на европската сцена се очекува и од фудбалерите на Металург и Хоризонт од Турново кои денеска ќе го одиграа првиот натпревар од 1. квалификациско коло во најмасовното клупско натпреварување, Лигата на Европа.
Тимот на Металург му гостува на претставникот на Андора, УЕ Санта Колома, додека Хоризонт од Турново на Националната арена “Филип Втори” го пречекува грузискиот Чикура.

Не само победа, прволигашот од Автокоманда има обврска да забележи убедлив триумф на гостувањето во Андора, а предводникот на “железарците”, Срѓан Захариевски, потсети дека фаворитската улога мора да се оправда и на теренот.

– Ние сме фаворити, но треба и да ја оправдаме таа улога. Имаме некои скромни информации за квалитетите и стилот на играта на Санта Колома, пред се, од тренерот на Зрињски, со кого разговарав, а тие играа против овој тим минатата сезона. Се работи за екипа која игра борбено, фудбалери за кои нема загубена топка. Двомечот ќе се решава во Скопје, но ние сакаме уште на првиот меч во Андора да оствариме позитивен резултат”, изјави Захариевски.

За нијанса потешка задача ќе имаат фудбалерите на Хоризонт од Турново кои се свесни дека за незгоден противник важи секој клуб кој е претставник на поранешниот советски блок.
И двата натпревари стартуваат во 18:00 часот.