Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за напредокот на Македонија

Европскиот парламент со 486 гласови за, 55 против и 29 воздржани ја усвоија резолуцијата за напредокот на Македонија во 2013 година, предложена од британскиот европратеник Ричард Ховит, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Во резолуцијата Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската Унија да утврди без одлагање датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.

Билатералните и добрососедските односи според усвоениот текст треба да бидат во конструктивен дух водејќи сметка за принципите на ООН и ЕУ.

ЕП жали што одлагањето на датумот за преговори ја акцентира растечката фрустрација на јавното мислење во однос на ќорсокакот во која се наоѓа процесот на интеграција во Унијата и ризикува да предизвика проблеми и тензии во земјата. Исто така, се изразува жалење што Советот не ја повтори истата формулација од 2012 година во однос на Македонија. Грција е повикана да го искористи своето претседавање со ЕУ за да даде нов елан на процесот на интеграција, со што ќе ги потврди ангажирањата од агендата Солун 2003 и ќе создаде позитивен амбиент за решавање на билатералните разлики во духот на европските вредности и да ја искористи својата раководна позиција за да изработи иницијативи кои имаат за цел излез од актуелниот ќорсокак на преговорите за изнаоѓање решение.

Македонија се повикува да продолжи со реформите и да им стави крај на нејзините политики и практиките кои можат да претставуваат пречка за нејзината европска иднина, како и постигнување на напредок во областите наведени во заклучоците на Советот на ЕУ.

ЕП подвлекува дека продолжувањето со одлагањето на датумот за преговори за членство предизвикува зголемена и непридвидливо чинење за земјата и регионалната стабилност, се бара од владата и Комисијата да направат проценки и квантитативна анализа за социјалната и економската цена на последиците од непроширувањето и политичките ризици на национално и регионално ниво од неутврдувањето датум од страна на Советот за почеток на преговори.

Во резолуцијата се инсистира сите земји кандидати да бидат третирани според заслугата. ЕП смета дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за земјата да ги започне преговорите и оти членство во ЕУ е кога една земја ги исполнува целосно истите.

ЕП ја зема предвид пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5. декември 2011 за спроведувањето на времениот договор од 13. септември 1995 година, и е на мислење дека водачите на земјите на ЕУ треба систематски да и ги објаснат на јавноста предностите од едно решение, еднаш откако ќе биде одлучено, пред референдумот за ова прашање.

Поздравена е добрата клима на петте билатерални средби меѓу работните групи од Македонија и Бугарија и дека дијалогот од тие рамки е добра рамка за да се разгледаат чувствителните прашања од историјата, населението или другите заедничи теми меѓу двете земји, бара да бидат донесени позначајни мерки за да се постигне во корисно време билатерален договор кој е најадекватен во тој поглед. ЕП е загрижен повторно наспроти користењето на историските аргументи во дебатата со соседите и бара позитивен напредок во прославувањето на заеднички историски личности и настани со земјите членки на ЕУ. Тука е и залагањето за зајакнување на научната соработка и охрабрувањето на позитивното однесувањ ена младите кон соседите, како изработка на учебници со педагошки материјал без идеолошки интерпретации на историјата. Се изразува жалење за угледот на земјата во областа на слободата на медиумите и за заштитата на слободата на изразување. Тука е споменат и случајот со затворањето на новинарот Томислав Кежаровски.

Во однос на новиот закон за лустрација ЕП го зема предвид, исто како и загриженоста на Венецијанската комисија и Хелсиншкиот комитет во однос на уставноста на овој закон и можната негова злоупотреба. Чудно е зошто ЕП бара од ЕК да го следи извршувањето на пресудите на ЕСЧП од страна Македонија, со оглед дека за тоа се водат посебни процедури од соодветниот орган на Советот на Европа, Комитетот на министрите, кој засега не изразил некои поголеми забелешки во однос на ова.

Во резолуцијата меѓу другото се изразува жалење за отсуство на интегрирано образование и се повикува на разбивање на стереотипите, етничките поделби и промовирањето на инклузивна двојазичност на незадолжителна основа, се осудуваат сите видови на ултранационализам.