Европските министри ќе дискутираат за грчките реформи

Министрите за финансии од еврозоната денеска во Брисел ќе одржат состанок, на кој ќе дискутираат за реформите, предложени од грчката Влада.

Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис во петокот испрати писмо до раководителот на Еврогрупата, Јерун Дејселблум, изнесувајќи ја првата група реформи, кои грчката Влада планира да ги спроведе во замена за дополнителната помош од кредиторите од Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд.

Мерките вклучуваат справување со „хуманитарната криза“, реформи во администрацијата и нова шема за уредување на задоцнетите заеми кон државата, измени во собирањето на даноците, создавање на совет, кој ќе ги следи и ќе дава совети за даночните прашања, како и формирање на нов орган за сеопфатни даночни инспекции.

Се очекува Варуфакис на дневен ред да ја постави и приватизацијата, која Атина планира да ја спроведе, вклучувајќи ги и дополнителните инвестиции во најголемото пристаниште на земјата, Пиреја, како и во железничката мрежа.

Според официјални претставници Владата не планира да ги продава компаниите во сферите на електричната енергија и стопанисувањето со водите.

Премиерот Алекис Ципрас ќе продолжи со дипломатските напори на Атина со посетата на Брисел во среда и на Париз во четврток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.