Европските зелени и ДОМ против загадувањето од рудниците

Веруваме дека имаме доволно аргументи да се избориме против загадувањето од рудниците и концесиите за рудниците да се поништат, изјави пратеничката и претседателка на Демократска обнова на Македонија (ДОМ) Лилјана Поповска на заедничката прес-конференција со европратеникот и копретседател на европската Зелена партија Рејнхард Бутикофер по меѓународната конференција „Искуството на Европските зелени во борбата против загадувањето од рудниците“, во Скопје.

Конференција ДОМ

–  Искуството од Европските зелени е скапоцено и тие се наши соборци. Граѓаните мораат да се изборат за своето право на животна средина. Тоа право ни го дава Уставот. Има редица прекршувања на законите преку министерствата за транспорт и врски, за земјоделие, за животна средина и конечно Министерството за економија, кое ги издава концесиите. Има доволно аргументи на видливи прекршувања на законите кога се издавани документи и дозволи за да се дојде до конечна концесија за овие рудници надвор од законот и Уставот, изјави Поповска.

Посочи дека Македонија е потписник на Архуската конвенција, според која, граѓаните имаат право да бидат правилно информирани за опасносните за животната средина и своето здравје и имаат право да учествуваат во носењето на одлуките поврзани со животната средина.

Европратеникот Рејнхард Бутикофер, рече дека ова не е само македонски проблем, туку нешто што претставува проблем во цела Европа и дека Европските зелени и Европскиот Парламент се соочуваат со проблеми со вадењето руда со многу години.

– Веруваме дека интересот на граѓаните треба да биде на прво место. Ова прашање го отворивме за време на нашата средба со министерот за животна средина и премиерот. Сметам дека премиерот е запознаен со проблемот. Се надевам дека ќе можеме да придонесеме за законско решение, што не е еднострано и не го гледа само економскиот интерес на инвеститорите, изјави Бутикофер.

Посочи дека е важно да се поддржи борбата на ДОМ и новата Влада за одржување на владеењето на правото во однос на ваквите активности за вадење руда.

– Предложив на министерот за животна средина дека во иднина можеме да работиме заедно со експерти од Европа и ЕП и помогнеме за подигање на свеста за проблемот, изјави Бутикофер.

Претходно, делегацијата од Европската зелена партија, предводена од Бутикофер, се сретна со премиерот Зоран Заев. На средбата Бутикофер, посочил дека здравата живонта средина е меѓу европските приоритети и Европската зелена партија е подготвена да и помогне на Владата со експертизи за надминување на овие состојби во Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.