Европско признание за македонскиот археолог Тевдовски

Негов соговорник во заедничката сесија беше претседателот на Европската асоцијација на археолози Фелипе Криадо Боадо од Шпанија.

Како што соопшти Музејот на Град Скопје, на конференцијата која се одржа од 5 до 8 мај во Берлинскиот културфорум, во културното и економско јадро на германската престолнина, учествуваа видни археолози, претставници на регионалните културни канцеларии, музеи и УНЕСКО локалитети од Германија, Шпанија, Обединетото Кралство, Белгија, Шведска, Норвешка, Австрија, Швајцарија, Франција и други европски земји, како и од САД. Домаќин на конференцијата се германските археолози, а промотор е Европската асоцијација на археолозите.

Претседателката на Германското друштво за праисторија и протоисторија Диане Шерзлер изјави дека обраќањето на македонскиот археолог, поканет како главен говорник и единствен претставник од Балканот, е значаен дострел на конференцијата и важна основа за визиите за европската археологија кои ќе произлезат од овој собир.

Конференцијата заврши вчера, со заедничката сесија на главните говорници Тевдовски и Боадо. Македонскиот археолог Љубен Тевдовски зборуваше за иднината на археологијата во периодот на значајни општествени предизвици во Европа, а претседателот на европските археолози се осврна на политичката позиција и влијанието на Европската асоцијација на археолози во креирањето на Европските културни политики. Тој исто така, му се заблагодари на македонскиот археолог за значајниот придонес во овие активности.

По четириесетминутните обраќања на двајцата говорници, археолозите од цела Европа повеќе од половина час дебатираа и им поставуваа прашања на говорниците на значајни теми за професионалниот развој на археологијата и нејзиното место со современите европски општества.