Евростат: Во Македонија 99,6 проценти од средношколците учат два странски јазика

Средношколците од Република Македонија, Луксембург и Лихтенштајн во најголем процент во Европа учат по најмалку два странски јазика за време на своето школување, јави дописникот на МИА од Брисел.
Ова го покажаа податоците што денеска ги објави Европската канцеларија за статистика (Евростат), според која 100 проценти од учениците во прва и втора година од средно образование во Македонија учат најмалку еден, а дури 99,6 проценти од нив изучуваат најмалку два странски јазика за време на четиригодишното школување.
           
Евростат објавува дека прв странски јазик што македонските граѓани го изучуваат во средно училиште е англискиот, додека германскиот јазик е втор странски јазик, односно го изучуваат 49,2 отсто од нив.
            
Унгарија со само шест проценти од средношколците и Бугарија со 16 отсто имаат најмал процент на млади во средните училишта што учат втор странски јазик.
Во апсолутни бројки, според Евростат, 84 илјади македонски граѓани посетуваат средно училиште и буквално сите имаат најмалку еден странски јазик (англискиот) како предмет, а дури 99,6 проценти втор странски јазик што го изучуваат, при што во најголем процент тоа е германскиот јазик.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.