Евростат: Жените заработуваат 16,4 % помалку од мажите за исто работно место

Во 2013 година, родовата разлика во платите во Европската унија изнесувала 16,4 проценти во корист на мажите, при што истата е помалку од пет отсто во Словенија и повеќе од 20 проценти во Естонија, Австрија, Чешка и Германија.

Ова, како што јавува дописникот на МИА од Брисел го покажуваат денеска објавените податоци на Европската канцеларија за статистика (Евростат), а по повод Осми март, меѓународниот Ден на жената.

– Половиот јаз во платите претставува разлика меѓу просечната бруто-заработувачка на час за платите на машките вработени лица во однос на платите на жените, како процент од просечната бруто-заработувачка на час. Разликите меѓу жените и мажите на пазарот на трудот не се однесуваат само на разликата во плата, туку, исто така и во однос на нивните занимања – наведуваат од Евростат.

Иако претставуваат 46 отсто од вработените лица, жените биле недоволно застапени меѓу менаџерите и само една третина од нив биле жени во 2013 година во ЕУ. Жените, според овие податоци, се повеќе застапени меѓу работниците за техничка поддршка, како и во сервисот за продажба и сметководство. А, јазот меѓу мажите и жените на пазарот на трудот е исто така значаен и во однос на видот на вработувања. Во 2013 година, една од три вработени жени (31,8 проценти) работеле со скратено работно време, во споредба со помалку од еден на десет мажи (8.1 отсто).

Овие податоци на Евростат се само мал дел од големата количина на податоци за поделба на пол во однос на работната состојба во Европската унија.